Причина за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е употребата на пиротехниката, а не пропуст во градежната конструкција на објектот, кој ниту се урна, ниту му се оштети статиката. Градежните инспектори не се надлежни за ентериерот, туку само за промени во габаритот и во градежната конструкција, а во „Пулс“ немало изградба, туку внатрешно преуредување. Без писмен налог градежен инспектор не може да изврши вонреден надзор и не смее да влезе во приватен објект, оти кривично ќе одговара. Ова се, накратко, поентите од воведните зборливи на тројцата обвинети општински градежни инспектори во Кочани и на нивните адвокати, изречени на денешното, четврто рочиште од судскиот процес против 35 обвинети за пожарот од 16 март во кој загинаа 63 лица, а над 210 беа повредени.
Се бара застареност за инспекторот Георгиев
Прв се обрати адвокатот Зоран Зафировски, бранител на градежниот инспектор Огњен Георгиев, кој побара Судот да утврди застареност на кривичното дело. Според него, застареноста во случајот со неговиот клиент настанува 5 години по последното преземено дејствие, а тој услов е исполнет, затоа што 11.3.2020 година е последниот ден кога инспекторот можел да преземе службено дејствие. После оваа дата беше донесена забрана за работа на угостителските објекти и на обвинетиот му престанала службената должност.
– Ова кривично дело не може да се изврши со умисла, туку како резултат на невнимание или небрежност. Тој не можел да предвиди таква последица или дека поради неговото постапување може да настапи пожар – рече Зафировски.
Тој посочи дека согласно со Законот за инспекцискиот надзор, без писмен налог не може да се изврши вонреден надзор во објект.
– За сето време, градежните инспектори немаат никаков налог, ниту стигнала некаква иницијатива, претставка или известување од други инспекции кои извршиле увид. Дискотеката не е спомената во ниеден редовен годишен или месечен план за контрола. Ито така, во врска со пренамената на објектот, обвинетиот инспектор немал должност да постапува, затоа што согласно Законот за градење, пренамената е од деловен објект повторно во деловен објект, а не е пренамена од деловен во станбен или обратно, за да е потребна контрола. Нема промена на конструктивните елементи на објектот, не се одвивале градежни активности, за да постапува градежниот инспектор, а штетната последица не е од градежна активност. Вршено е уредување, сопственикот си го вршел тоа тајно, во затворен простор – рече адвокатот Зафировски.
Тој најави дека во текот на постапката ќе докажат кои се овластувањата на градежниот инспектор, кој нема надлежност да затвора објекти, ниту врши контрола на намената, а не е ниту одговорно лице за безбедност и за мерки за заштита од пожар.
Обвинетиот инспектор Георгиев во обраќањето пред судот побара Јавното обвинителство да му го врати мобилниот телефон.
– Јас друг немам, а овој го плаќам целото ова време. Во него нема никакви доказни материјали, оти не сум имал никакви контакти со никој од обвинетите. Барам да ми го вратат – рече Георгиев.
Судијката Диана Груевска Илиевска му одговори дека доколку мобилниот не е во листата на докази, може да го побара од Обвинителството преку неговиот бранител.
Вештачењето ќе ги даде сите одговори
Бранителот Јован Танчев, кој го застапува општинскиот градежен инспектор Љупчо Стаменов рече дека предлагаат како доказ да се изведе градежно вештачење, кое ќе даде одговор на повеќе прашања.
– Вештачењето ќе даде одговор на повеќе факти кои вештачењето од страна на застапникот на обвинението не ги дава, особено дали има промени во конструкцијата на објектот, на конструктивните елементи. Ќе даде одговор кои институции се надлежни за контрола на противпожарна заштита, какви градежни активности се вршени во 2012 година и дали влијаеле на последиците, дали овластен градежен инспектор врши контрола на пренамена на објектите и на промена на дејноста. Дали реновирањето е градежна реконструкција, дали градежниот инспектор можел да врши контрола на пренамена од деловен во деловен објект, а според Закон може да врши контрола само доколку има пренамена од станбен во деловен објект – рече Танчев.
Тој додаде дека во тој период во Кочани има само двајца градежни инспектори, а инспекторот врши контрола и во општина Виница.
– Одбраната ќе докаже дека осмообвинетиот како 63 годишен човек, без жена и деца за кои би се грижел, не можел да знае дали во тој објект имало дискотека или не, а во претходниот период со години живеел и работел во Скопје. Откако е вработен во Кочани ниту едно физичко или правно лице не поднело претставка за објектот, ниту градоначалникот барал да се врши надзор – рече бранителот.
Во однос на кривичното дело, додаде тој, истиот не може да биде сторител, не може овластен градежен инспектор со неизвршен инспекциски надзор да е причинител на оваа опасност, затоа што нема пропишани надлежности за проверка на противпожарни уреди. Обвинителниот акт, додаде, за овој обвинети е паушален, нема докази за причинско-последичната врска меѓу непостапувањето на инспекторот и настанатиот пожар.
„ОЈО Кочани одби моја пријава за опасен објект“
Адвокатот Зоран Зафировски, кој е бранител и на градежниот инспектор Николчо Гоцев, во воведниот збор за одбраната на Гоцев рече дека одредбата дека градежниот инспектор е самостоен во вршењето на инспекциски надзор е појдовна и решавачка причина поради која ОЈО смета дека обвинетиот има вина, односно оваа самостојност е замислена како функција со надлежност поголема од секој државен орган, да контролира градежни активности, за спроведување на ДУП, за изрекување казни и слично.
– Начелото на самостојност на секој инспектор значи дека инспекторот е самостоен, но само во рамките на неговите овластувања и не смее да навлегува во надлежности на други инспекторати. Потенцираме дека не е исполнет ниту еден услов за обвинетиот да постапува во „Пулс“, затоа што нема промена на дејноста од станбен во деловен простор, туку само од деловен во деловен простор. Во периодот за кој се товари обвинетиот имало само една активност, се тргнале металните конструкции од галеријата, што во никој случај не е реконструкција за обвинетиот да може да реагира. Ова ќе се утврди од изјави на вешти лица од Градежен факултет – рече Зафировски.
Редовниот инспекциски надзор, додаде тој, се спроведува согласно месечниот план за работа на секој инспектор, а во конкретниот случај неспорно е дека не постои ниту еден годишен и месечен план за обвинетиот да постапи. Вонредниот надзор се врши по службена должност или врз основа на иницијатива на физички, правни лица, градоначалник, министер, а без писмен налог од раководни лица надзорот не е можен.
– Неспорно е дека обвинетиот Николчо Гоцев во својство на службено лице никогаш нема добиено претставка, или налог од страна на негови надредени за контрола на дискотеката – рече тој.
Надзор на дејноста над угостителските објекти врши Државниот пазарен инспекторат, додаде адвокатот, од што произлегува дека наводите дека обвинетиот требал да врши таков надзор и тоа 7 години пред да биде вработен таму, се целосно неиздржани.
– Интенцијата на ОЈО Кочани е да прикаже дека градежните инспектори можеле да ја запрат работата на дискотеката, но истите не можеле да влијаат врз тоа. Причината за трагедијата не е нарушување на конструкцијата. „Пулс“ никогаш немал оформено градилиште. Нема доказ за умисла за непостапување или дека овој обвинет е одговорен за безбедноста во дискотеката. Во верижната поврзаност, ОЈО кажа дека трагедијата е резултат на системот, а не на поединците, па со нетрпение чекаме да видиме како ќе докажат дека овие инспектори, поврзани со другите обвинети, го сториле делото што им се става на товар. ЈО сака да ги казни сите одговорни, но зачудува фактот што службени лица од УЈП извршиле надзор во декември 2024 кога утврдиле неправилности и можеле да ја пломбираат дискотеката, но за нив се води истрага за полесни дела кои не се поврзани со пожарот. Не е јасно како овие не можеле да го спречат работењето, а со тоа ОЈО по втор пат постава погрешна правна квалификација – рече бранителот.
Обвинетиот Гоцев рече дека „Пулс“ е трагедија која засекогаш ги променила нивните животи. Раскажа дека бил во болницата од самиот почеток по пожарот, со родителите, полицијата, војската, со повредените, сите заедно во ист шок и болка.
– Околу 15 часот ми се јавија од ОЈО да извршам увид на самото место заедно со Градежен инспекторат, ОЈО, МВР … Тогаш никој не ме третираше како човек кој направил нешто погрешно, напротив, како стручен човек. Од доказите кои ми ги дадоа сите потврдуваат дека причинско-последичната врска е дека пожарот избувнал од пиротехниката, а тоа е единствената причинско-последична врска која има правна тежина. Оваа трагедија не е градежна, градежниот инспектор не контролира внатрешно уредување и дејност, не контролира пиротехника, ниту безбедност од пожар. Оваа дискотека работи 7 години пред моето вработување, кога е издадена лиценцата не сум постоел во системот и не сум имал пристап до документи – рече Гоцев.
Тој додаде и дека за објектот немало пријава, ниту сомневање или законска основа за да излезе во инспекциски надзор.
– Во сите овие години додека сум бил вработен немало ниту иницијатива, пријава, ниту еден наод или известување од МВР, ДЗС, ДПИ, УЈП, ОЈО кои биле запознаени со ова. Ако сум влегол без налог во објектот ќе одговарав кривично. Не е моја цел да обвинувам никого, но лесно е да се создаде приказна, тешко е да се носи вистината, а вистината е дека јас немав надлежност и законска основа да постапувам. Пред некое време поднесов кривична пријава до ОЈО Кочани за исто така огромен објект на познат ланец на објекти, во стариот монопол во Кочани, кој е пред нивната зграда. Тоа е објект со сериозен ризик, ама тие ја одбија мојата кривична пријава. Ја одбија кривичната за објект пред нивниот нос, а јас сум требал да влезам во ПУЛС беа налог или пријава. Правото мора да биде еднакво за сите – рече тој.




























