Во полициската станица не ми соопштија на човечки начин дека ќерка ми Вања е пронајдена мртва, јас само насетував, а за тоа дознав дури во Обвинителството на распит, кога ми кажа обвинителката Жаклина, сведочеше попладнево Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска (14). Рече дека инспекторите многу го тепале кога го привеле, а на неговите прашања да му кажат што се случило, му одговарале „ти ќе ни кажеш“.
Тој денеска во Кривичниот суд Скопје одговараше на прашањата на неговиот бранител Владимир Туфегџиќ. Раскажа дека неговиот кумашин Гоце Трајковски му понудил помош и во првите денови од исчезнувањето на Вања, која беше киднапирана и убиена на 27 ноември 2023 година. Рече дека Гоце имал пријатели и во полиција и во „Сејф сити“.
– Се појави утрото, се пуштивме во потрага по камери на рутата на која Вања се движи до училиштето. Зорица имаше обезбедено снимка од седиштето на ОКТА, еден родител обезбеди 2 снимки од кај ОУ „Коле Неделковски“ и од менувачница кај Буњаковец. Јас обезбедив снимка од кафичот „Синдикат“, а најкорисни ми беа снимките од фризерницата во дијагонала спроти влезот – раскажа Ѓорчевски.
Тој додаде дека на Фејсбук ја виделе објавата од ќерката на исчезнатиот велешанец Панче Жежовски, каде на слика било објавено и возилото „цитроен“. Рече дека Гоце претпоставил дека Панче ја киднапирал Вања.
– Јас сакав тоа да им го кажам на инспекторите, ама не смеев да кажам за идентитетот на пријателот од „Сејф сити“. Му се јавив на инспекторот Дејан Димовски и пробав на суптилен начин да му посочам дека има исчезнат велешанец, кој можеби е педофил, па да проверат. Дејан, истото го кажа овде во судницата, ама на поинаков начин и со други намери – рече Ѓорчевски.
Дали вие веќе знаевте за возилото, а не смеете да го откриете името на изворот од „Сејф сити“ на инспекторот Дејан, праша бранителот.
– Да, токму така. Се наоѓав меѓу два огна. Знаев за „цитроенот“, ама не смеев да кажам како знам – рече Ѓорчевски.
Туфегџиќ потоа го праша Ѓорчевски каков бил односот на полицијата кон него, откако го задржале.
– Ми се јави Дејан Димовски. Претходно веќе имав сознанија преку пријатели на Гоце во полицијата, дека има уапсени. Зорица беше во болница со Миња, која од стрес разви некој респираторен проблем на левото белодробно крило и беше потребна пункција, за да се санира. Дејан ми рече да ја земам Зорица од болница и да отидам во полициската станица „Пролет“. Ја земав, отидовме во станицата. Кога влеговме во ходникот, некои од инспекторите кои дотогаш ги гледав по состаноци, кога ќе ме погледна мене ги вперуваа погледите во земја. Веднаш почувствував дека нешто не е како што треба. Иако податокот што го добив од Гоце влеваше надеж дека ќе ја најдеме Вања, дека киднаперите се фатени.
Нè сместија во една просторија со двајца полицајци и ни рекоа да почекаме. Долго чекавме. Прв на врата дојде инспекторот Музафер Каришиќ, му се обратив дека Миња е во болница, да ја пушти Зорица да оди кај неа. Рече во ред, но Зорица одби, рече ќе ја повика братучетка ѝ. Полека кај мене настапуваше парализа, се чувствуваше дека нешто не е во ред – сведочеше Александар.
Влезе некој од инспектори и ја повика Зорица, додаде тој.
– Нè раздвоија. Уште некое време поседов сам со двајцата полицајци и дојдоа инспекторите Дејан, Кире и Музафер. Веднаш ги прашав да не се случило нешто, Дејан ми одговори – не се прави дека не знаеш. Сега ти ќе ни кажеш нам што се случило. Ги имаше фатено еуфорија. Инспекторот Кире викаше на цел глас „со 100 нула ве победивме“, Дејан викаше дека јас сум ѝ ставил селотејп на устата, цело време сум знаел што се случува и сум ги влечел за нос. Се одвиваше и физичка тортура, која не ја ни приметував. Бев парализиран, како дух. Едноставно, поминуваа ударите низ мене. И на секое мое прашање, добро луѓе кажете што се случило, одговараа дека јас сум тој што треба да им каже – говореше Александар пред Судот.
Велеа дека во другата просторија киднаперите и сè признале, сè отпеале, продолжи Ѓорчевски.
– Сè се знае, само уште јас треба да признаам. Не знам, што требаше да признаам. Ги прашав за кои луѓе се работи. Тие ми рекоа дека не ги знам и дека сум се договарал само со монструмот. Им реков не познавам монструми и гангстери, кој е тој. Ми рекоа Љупчо Палевски. Прашав, човекот кој ја правел зградата? Рекоа, не се прави дека не знаеш. Бев парализиран од душевна болка. Иако никој не ми соопшти човечки што се случило – рече Александар.
Потоа Александар раскажа дека инспекторот Музафер Каришиќ им рекол да не го тепаат.
– Гоце еднаш им обезбедуваше снимка и на нив од бензинска пумпа од Велес, затоа што ако полицијата официјално ја бара, ќе им одземело време. А и тој од пумпата што ни ја даде снимката замоли да не му биде откриен идентитетот. Музафер насетуваше и знаеше дека ние сме чекор пред нив за тоа кое е возилото, од мрежите дознавме и дека истото е запалено кај Бразда, а полоцијата добила известување по 2 дена. Сè тоа Музафер им го предочи на Кире и на Дејан, им рече не го тепајте, тој има пријатели во полиција, во „Сејф сити“ и можеби навистина нема врска. Но, ме симнаа во келии доле во подрумот во станицата и тортурата продолжи. И во затвор ме тепаа, 2 пати до несвест. Затворскиот лекар се исплаши дека ми е дупнато белодробното крило – рече Ѓорчевски.
Тој додаде дека на распитот во Обвинителството дознал за судбината на неговата ќерка.
– Прв пат дознав од обвинителот Жаклина што се случило. Што да додадам уште? Дадов сè од себе. Ја најдов Вања, меѓутоа доцна. И мојот живот го зедоа, целото семејство го упропастија. И пошироко – додаде Александар Ѓорчевски на денешното рочиште во Кривичниот суд.
За грабнувањата и за убиствата на Вања Жорчевска и на Панче Жежовски се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.