Источниот украински град Харков ноќеска беше цел на масовен напад со дронови, извршен од руските сили, соопштија украинските власти рано утрово. Во нападот се повредени најмалку осум лица, вклучувајќи и двајца тинејџери.
– Нападот беше насочен кон општинско претпријатие, а во објектот избувна голем пожар – изјави градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, притоа не откривајќи детали за природата на метата.
Според воениот гувернер на регионот, Олех Синехубов, биле употребени најмалку осум борбени дронови, а експлозиите и огнот предизвикале голема паника кај жителите.
Нападите доаѓаат во период кога руската армија ги засили офанзивите врз украинските градови, при што цивилите се сè почесто жртви на ракетирањата и дронските напади. Војната, која започна со инвазијата на Русија во февруари 2022 година, не покажува знаци на запирање.