Главниот град на Русија вечерва, 22 септември, е под напад на дронови, сугерираат снимки на социјалните мрежи. Според објавите на градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин системите за воздушна одбрана собориле 11 беспилотни летала над Москва и околината.
Собјанин изјави дека „воздушната одбрана собори 9 дронови вечерва, а подоцна уште 2“. Според него, нема жртви ниту сериозни штети.
Нападот привремено ги блокираше главните аеродроми во руската метропола. На аеродромите Шереметјево, Домодедово и Внуково биле откажани или одложени повеќе од 35 летови.
„До 20:19 часот, беа откажани вкупно 21 лет, со дополнителни промени на Домодедово и Внуково“, соопштија руските државни медиуми.
На некои од снимките на социјалните може да се видат патнички авиони кои кружат ниско над Москва.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и Истражниот комитет најавија истрага.
„Оперативните тимови и експерти за експлозив се на терен, го анализираат падот на остатоците од дроновите и проверуваат дали има дополнителни оштетувања“, се вели во официјалното соопштение.
Инцидентот доаѓа откако инциденти со дронови се појавија во три европски земји.
Во последните 10 дена, Русија е обвинета за нарушување на воздушниот простор на Полска и на Романија, додека Естонија обвини дека 3 руски воени авиони од типот Миг-21 во саботата, цели 12 минути упаднале во нејзиното небо.