Главната причина зошто Кристијано доби црвен картон е неговата огромна страст и фрустрација кога не победува, а тоа го сакаме од сите играчи, вели селекторот на Португалија по неочекуваниот пораз од Ирска.
– Многу е тешко за централен напаѓач во шеснаесетникот кога чуварите постојано го влечат. Потоа, тренерот на Ирска се обидува да изврши притисок врз судијата, а нивниот играч паѓа со многу драма. Мислам дека снимката изгледа полошо отколку што беше – изјави селекторот Роберто Мартинез по натпреварот во Даблин.
Мартинез додаде дека неговиот капитен бил жртва на груба игра и дека потегот не бил намерен.
– Беше тешко, тој се грижи за тимот. Беше туркан и влечен многу пати, а кога се обиде да се ослободи, направи потег кој не беше толку лош како што покажуваат камерите. Ден пред натпреварот, нивниот тренер рече дека Роналдо влијае на судиите, а потоа нивниот стопер падна со премногу драма. Сега сакаме да победиме заради него – додаде шпанскиот стратег.
Португалија го пропушти првиот обид да го завери билетот за Светското првенство, губејќи неочекувано од Република Ирска со 2:0. Натпреварот го обележа токму исклучувањето на Кристијано Роналдо, кој без топка удри противнички играч.
Најголемото изненадување на вечерта го приредија Ирците. Херојот Трој Парот постигна два гола во првото полувреме и ја донесе победата на својата репрезентација. Португалија остана со десетмина по исклучувањето на Роналдо и ќе мора да го бара пласманот на Мундијалот во последната рунда против Ерменија.
Од друга страна, Франција и Англија веќе обезбедија место на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. Французите ја совладаа Украина со убедливи 4:0, со два гола на Килијан Мбапе, а по еднаш погодија Мајкл Олисе и Хуго Екитике.




























