Украина не треба да се согласи на најновиот предлог на претседателот на САД, Доналд Трамп, да отстапи големи територии во замена за прекин на огнот со Русија бидејќи тоа би било „капитулација“, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
Писториус во неделата за германската јавна телевизија АРД рече дека Киев веројатно е свесен дека за постигнување траен и одржлив прекин на огнот може да биде принуден да се откаже од некои територии.
– Но, тие секако нема да одат толку далеку – или не треба да одат толку далеку – колку што се предвидува во најновиот предлог на американскиот претседател. Она што го предлага Трамп, Украина можеше да го добие и пред 1 година. Ова личи на капитулација. Не гледам никаква додадена вредност во тоа – истакна Писториус, кој најверојатно ќе остане министер за одбрана и во новата германска коалициска влада.
Трамп минатата недела, во интервју за магазинот Тајм, изјави дека анектираниот Крим ќе остане под руска контрола како дел од можно мировно решение со Украина.