Однадвор изгледа како обичен контејнер, а одвнатре како ординација за самопреглед – со електронски стетоскоп, уред за мерење на крвен притисок и отоскоп за преглед на увото.
Пациентите во Франција сами ги користат овие уреди – под надзор на лекар, кој е поврзан преку камера.
Доминик Турнатори (63) побарал брз медицински совет поради болки во грбот, па закажал преглед во еден таков „медицински контејнер“. Тој е воодушевен од концептот.
– Добив код за да влезам внатре и можев да разговарам со докторот кој ми даде навистина добар советј. Беше многу удобно – и најважно, сè помина многу брзо – вели тој.

Жителите на Сен-Жорж-Мотел, гратче со 880 жители што се наоѓа на еден час возење северозападно од Париз, тешко доаѓаат на лекарски преглед. Лекарите таму се ретки, вели градоначалникот Жан-Луј Гирлен.
– Во 14-те околни општини, секој доктор има околу 1.600 пациенти во просек. Имаме исклучителна докторка, на 5 километри од тука – таа има повеќе од 2.200 пациенти – вели градоначалникот Гирлен.
Областа се наоѓа во „медицинска пустина“, како што се нарекуваат регионите со недостиг на лекари во Франција. Критериумите за прогласување на област за медицинска пустина се бројот на лекари по жител и просечната возраст на населението.
Според податоците на француското Министерство за здравство, речиси 90 проценти од територијата на Франција е класифицирана како „медицинска пустина“. Покрај тоа, повеќе од 6 милиони луѓе во земјата немаат свој матичен лекар.
Медицинските контејнери треба да го ублажат овој проблем. Себастијен Туше, директор во компанијата „La Box Medical“, која произведува медицински контејнери, тврди дека технологијата овозможува побрз одговор на здравствените проблеми и ја подобрува превенцијата.
– Не мора нужно да обучуваме повеќе лекари и да ги испраќаме низ целата земја. Ако технологијата овозможува рано и брзо откривање на здравствените проблеми – тогаш треба да се користи – вели Туше.
Засега, пациентите во контејнерите можат да се консултираат главно со матични лекари, но целта на компанијата е во иднина да овозможи закажување состаноци и со психолози.
Сепак, не сметата сите во Франција дека видеоповик во контејнер наместо разговор во лекарската ординација е вистинскиот пат за здравствениот систем во земјата.
Француската федерација на лекари предупреди дека телемедицината го менува односот помеѓу лекарот и пациентот. Длабинските прегледи од далечина, тврдат тие, честопати не се можни, што го отежнува правилното лекување.
Тие исто така предупредуваат дека таков систем го отежнува сеопфатниот пристап, бидејќи пациентот во секој контејнер може да се сретне со различен лекар.
Себастијан Туше ги отфрла критиките.
– Дури и денес во здравствените центри не сте сигурни дека секогаш ќе го видите истиот лекар. А во видеосистемите има електронски запис до кој секој лекар може да пристапи – вели тој.
Борбата против „медицинските пустини“ е големо политичко прашање во Франција со години.
Премиерот Себастијан Лекорну објави дека до 2027 година секој во земјата ќе има пристап до лекар на 30 минути од местото каде што живее. Неговиот претходник Франсоа Бејру претходно предложи лекарите доброволно да одат 2 дена во неделата во области со недостиг на лекари и здравствена заштита.
Туше верува дека медицинските конктејнери тие можат да се сметаат за дел од решението.
– Ако, покрај нив се воведат и мобилни клиники-автобуси, т.е. здравствени единици планирани од Владата, и ако обучиме повеќе лекари и воведеме нови технологии – сето ова заедно може значително да ја подобри ситуацијата – велу Туше.
Во Сен-Жорж-Мотел тоа е и најевтината опција, вели градоначалникот Гирлен. Благодарение на субвенциите од одделот, контејнерот ќе ја чини општината само 6.000 евра годишно до 2029 година.
Медицинските контејнери не придонесуваат за зголемување на бројот на лекари, ниту ги привлекуваат во медицински запоставените области. Но, тие можат да им помогнат на луѓето побрзо да добијат совет и основна медицинска помош.
Пациентот Турнатори вели дека контејнерот не е замена за лекарот, туку само додаток.
– Речиси го претпочитам овој систем пред здравствениот центар, кој е секогаш преполн. Во контејнерот веднаш ги гледате достапните термини и можете да го изберете оној што најмногу ви одговара. Мислам дека ова е навистина добар систем – вели тој.
До 2028 година, компанијата „La Box Medical“ планира да инсталира 1.000 медицински контејнери низ цела Франција.




























