Додека роднини и пријатели преку социјалните мрежи ги бараат своите блиски кои утринава беа на концертот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на социјалните мрежи се појави список на дел од повредените кои се сместени на Клиниките во Скопје.
Двајца повредени се на Детска хирургија, двајца на Детска интензивна нега, осумнаесет лица се на лекување на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, осум се на Клиниката за анестезија КАРИЛ, 2 се на Клиниката за неврохирургија и едно лице е на Ортопедија.
Меѓу повредените на Пластика е и Владимир Блажев, попознат на јавноста како Панчо, кој е дел од групата ДНК.
Неговата сестра во изјава рече дека тој е приклучен на кислородна поддршка, има вдишано чад, а има изгореници и на раката.
Голем дел од роднините на повредените се пред клиниките каде очекуваат информации за своите најблиски.