Хелсинки, главниот град на Финска, стана редок пример во Европа каде што изминатата година не е регистрирана ниту една жртва во сообраќајна несреќа. Според германскиот портал „Тагешау“, ова достигнување се должи на ригорозни мерки кои го зголемија нивото на безбедност на улиците.
Полицијата во Хелсинки потврдува дека од јули 2024 година досега, ниту едно лице не загинало во сообраќајен инцидент. Иако во изминатата година се случиле 277 несреќи со повредени лица, бројот е далеку помал во споредба со крајот на 1980-тите, кога годишно имало околу 1.000 сообраќајки и дури 30 загинати. Со оглед на тоа дека градот има 690.000 жители, овој резултат се смета за историски успех.
Градските власти наведуваат дека клучната промена била драстичното намалување на дозволената брзина. Денес, на половина од улиците – особено околу училишта и градинки – ограничувањето е 30 километри на час. Пред педесетина години, дозволената брзина во градот била 50 км/ч.
Покрај тоа, безбедноста е зголемена преку почести контроли на брзината и подобро управување со сообраќајниот проток. Финската телевизија „Иле“ објави дека големо внимание било посветено и на образованието на децата за безбедно учество во сообраќајот, со цел да се заштитат најранливите – пешаците и велосипедистите.
Бројот на пешачки премини е зголемен, исто како и мрежата на безбедни патеки за велосипеди. Дополнително, подобрувањето и проширувањето на јавниот транспорт одиграло клучна улога – сѐ повеќе граѓани го оставаат автомобилот дома и користат автобуси, трамваи и метро.