Филипче: Стандардот на граѓаните тоне, над 2 милијарди евра недостасуваат
Топ Вести - Слушај сега

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, нагласи дека власта нема вистинска волја за суштинска дебата и решенија кои ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните, додека државата секојдневно се презадолжува и економската состојба се повеќе се влошува.
„За жал, ние не видовме волја од оваа власт за нешто вистински да се дебатира. Имавме многу повици, имавме многу предлог-закони за раст на платата, стандардот тоне на граѓаните од ден на ден, државата се презадолжува. Секој ден е ново задолжување, имаме 2 милијарди коишто недостасуваат само сега во буџетот“, рече Филипче.
Притоа, Филипче укажа дека власта ги троши буџетските пари без јасен развоен ефект и без инвестиции во капитални проекти.
„Има пари коишто се зимаат само за да се троши без никаква инвестиција во капитални објекти, имаме ризик од мигранти коишто треба да дојдат за пари, коишто исто така нема сериозен демант, ниту пак ја потпишаа нашата предлог-декларација“, изјави Филипче.
Тој додаде дека сите суштински прашања може и мора да се дебатираат доколку постои вистинска политичка волја.
„Така што, ако има вистинска волја да се води државата така како што треба, така како што стратешките правци биле изминативе 30 години вистински кон Европската Унија, се може да се дебатира во Собранието. Ние ќе ги иницираме оние аспекти коишто се важни и кои се во интерес и корист на сите граѓани, а не само едни аспекти коишто им одговараат само на оваа тендерска власт“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.