Фестивалот „Војдан Чернодрински“ отвори втор конкурс за „Драмолетање“

Lorita
By Lorita
2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп објави отворен повик за учество на второто издание на пичинг-форумот „Драмолетање“, кое ќе се одржи за време на 60. издание на фестивалот во јуни 2026.

„Драмолетање“ претставува платформа посветена на откривање и поддршка на нови драмски гласови, развивање и презентација на оригинални драмски текстови, поттикнување креативен дијалог меѓу авторите, режисерите и театарските професионалци, како и создавање можности за сценска реализација на нови македонски драми.

На повикот може да се пријават драмски автор(к)и – државјани на Република Северна Македонија со оригинални и неизведени драмски текстови. Секој автор може да пријави еден драмски текст.

Пријавите треба да содржат: кратка биографија на авторот (до 150 збора); контакт-информации (телефон, е-пошта); краток синопсис/резиме на драмата (до 1 страница); целосниот драмски текст и мотивациско писмо (до 1 страница).

Пријавите се испраќаат на e-пошта: dramoletanje@mtf.com.mk, со назнака во Subject: „Пријава за Драмолетање 2.0 – [име и презиме на авторот и наслов на драмата]“.

Рокот за пријавување е до 1 март 2026 година. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk најдоцна до 15 мај 2026 година.

Пичинг-форумот ќе се одржи за време на МТФ „Војдан Чернодрински“ (13-14.6.2026). Апликациите ќе бидат оценети од страна на стручна комисија која ќе одбере драми врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциски потенцијал. Избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во менторска подготовка за својата презентација, да ги претстават своите драми пред стручна публика, режисери, драматурзи и продуценти, како и да воспостават контакти за понатамошна продукциска реализација.

По форумот, дел од избраните драми ќе бидат објавени во второто издание на книгата „Драмолетање“ во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ со цел да се обезбеди видливост и поддршка на современата македонска драма.

Како резултат на „Драмолетање 1.0“, неодамна беше издадена книга во која се поместени четири драми избрани на првото издание на „Драмолетање“. Изданието е достапно електронски на www.mtf.com.mk.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article