Европските институции за безбедност на храната издадоа итно предупредување откако беше потврдено дека јајцата од Италија се контаминирани со бактеријата Salmonella enteritidis, а дел од спорните пратки веќе пристигнале на регионалните пазари. На потрошувачите им се советува да не ги јадат и веднаш да ги вратат во продавниците каде што се купени.
Откритието е направено за време на редовните проверки на италијанските фарми и во малопродажните синџири, каде што анализите покажаа присуство на бактерии во свежи јајца. Поради сериозниот ризик за здравјето на луѓето, низ цела Европска Унија е започнато повлекување од продажба.
Според моментално достапните информации, контаминирани јајца биле дистрибуирани во најмалку 7 земји: Хрватска, Словенија, Австрија, Франција, Германија, Монако и во Хрватска.
Повлекувањето се однесува на контаминирани јајца во картонски кутии од 6 и 10 јајца, кои потекнуваат од фарми во регионите Кампанија и Ломбардија.
Потрошувачите треба да обрнат внимание на идентификациските ознаки IT 064 MA 001 и IT 019 LO 003, како и на датумот на истекување од 18 до 26 ноември 2025 година.
Лекарите предупредуваат дека луѓето кои можеби ги консумирале овие јајца треба да внимаваат на можни симптоми на инфекција со салмонела – гадење, повраќање, треска, болки во стомакот и дијареја. Salmonella enteritidis најчесто предизвикува акутен гастроентеритис, додека посериозната форма на инфекција може да доведе до бактериемија и локално воспаление.
За разлика од неа, Salmonella typhimurium предизвикува потешки и долготрајни тегоби, како што се висока температура, треска, главоболка и силна слабост, а закрепнувањето може да трае повеќе од една недела.



























