Европската Унија ја разгледува можноста за ревидирање на правилата со кои се регулираат правата на патниците во авионите во случај на доцнење или откажување летови.
Ова наиде на одобрување од авиокомпаниите и остра реакција од здруженијата на потрошувачи.
Предложената промена на европските правила за компензација во случај на доцнење на летовите може да го ускрати правото на компензација на 85% од патниците, предупредува Европската организација на потрошувачи (BEUC).
– Комисијата предложи промена на временската рамка за добивање обештетување. Наместо 3 часа, сега ќе биде 5, 9 или 12 часа, во зависност од должината на летот – изјави за Euronews правниот експерт на BEUC, Стивен Бергер.
Сега за доцнење подолго од 3 часа може да се добие отштета од 250 до 600 евра.
Новите правила го скратуваат и рокот за поднесување барање за надомест.
– Според сегашниот предлог, патниците би имале само три месеци да поднесат барање за компензација или да бараат почитување на нивните права, што е прекраток период – нагласува Бергер.
Од друга страна, авиокомпаниите сметаат дека овој документ сè уште претставува добра основа за преговори.
Здружението Airlines4Europe (A4E), кое ги претставува компаниите кои управуваат со 70% од европскиот воздушен сообраќај, тврди дека „компромисниот предлог на Европската комисија од 2013 година ќе им ја даде потребната флексибилност на авиокомпаниите подобро да управуваат со прекините, овозможувајќи им да заштедат летови и подобро да одговорат на главниот приоритет на патниците – да стигнат до нивната дестинација што е можно поскоро“.
А4Е исто така истакнува дека „сегашните регулативи се нејасни, што создава несигурност за патниците, авиокомпаниите и судовите“.
Директивата се однесува на сите летови кои поаѓаат од аеродромите на ЕУ, без оглед на националноста на авиокомпанијата, како и за летовите што пристигнуваат на аеродромите на ЕУ доколку се управувани од европска авиокомпанија.
Сепак, тој не се однесува на летови до Европа со кои управуваат авиопревозници кои не се членки на ЕУ, ниту пак на летови надвор од ЕУ со постојки во Европа.
Правилата ги опфаќаат сите земји-членки на ЕУ, како и Исланд, Норвешка и Швајцарија.
Надомест не се обезбедува во случај на „исклучителни околности“, како што се екстремни временски услови, ограничувања на контролата на летање, штрајкови кои не вклучуваат персонал на авиокомпанијата и политичка нестабилност.
Преговорите меѓу земјите-членки на ЕУ се засноваат на предлогот на Европската комисија од 2013 година.
Полска, која во моментов претседава со ЕУ шест месеци, ја презеде одговорноста за овие правила и сака да постигне што е можно поголем напредок во преговорите до јуни.