Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во вторникот пред Европскиот парламент изјави дека Европската унија ги има сите инструменти на маса да одговори на американските царини доколку е потребно, бидејќи светот чека најава за нови трговски мерки од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Европа не ја започна оваа конфронтација. Мислиме дека тоа е погрешно. Имаме се што ни е потребно за да го заштитиме нашиот народ и нашиот просперитет. Имаме најголем единствен пазар во светот. Имаме сила да преговараме. Имаме моќ да одговориме на американските царини“, рече Фон дер Лајен во Стразбур.
Шефот на Комисијата нагласи дека „сите инструменти се на маса за контрамерки“ и предупреди дека царините „само ќе ја поттикнат инфлацијата, токму спротивното од она што сакаме да го постигнеме“.
„Ние не мора да сакаме да преземеме контрамерки, но доколку е потребно, имаме силен план и ќе го спроведеме“, рече фон дер Лајен на дискусијата со европратениците за заклучоците од неодамнешниот самит на ЕУ.
Пред неколку дена Трамп се закани со повисоки царини за Европската Унија и Канада доколку соработуваат за да „нанесат економска штета на САД“.
ЕУ прво ги објави првите контрамерки, а потоа ги одложи до средината на април, вклучувајќи, на пример, царини од 50 отсто за американскиот бурбон. Како одговор, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 200 отсто за сите вина и други алкохолни производи од ЕУ, доколку Брисел го стори тоа.