Европската унија и Велика Британија постигнаа прелиминарен договор за одбрана и безбедност, рибарство и мобилност на младите пред европско-британскиот самит во понеделник, отворајќи го патот за учество на британските компании во големи европски договори за одбрана, соопштија претставници на ЕУ.
Претставниците на европските влади во Брисел добија текст со заедничките позиции на Велика Британија и ЕУ, а документот сега треба да биде одобрен од сите 27 влади на земјите-членки на Унијата, соопштија официјални лица.
Британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе се сретнат во Лондон подоцна во понеделник.
„Постои разбирање… за различните текстови и паралелните аспекти на самитот ЕУ-Велика Британија“, рече еден европски дипломат.
„Колку што јас разбирам, сите земји-членки се задоволни од она што е на маса пред самитот. Писмената постапка е во тек за да се добие официјално прифаќање од сите земји-членки, но тоа не би требало да претставува тешкотија“, додаде тој.
Обединетото Кралство е подготвено за најзначајното ресетирање на односите со Европската Унија откако го напушти блокот, барајќи поблиска трговска и одбранбена соработка за да се поттикне економскиот раст и да се зајакне безбедноста на континентот.
„Со позитивните знаци што доаѓаат од преговарачите во Лондон во изминатите денови и часови, сè е подготвено за многу успешно и конструктивно ресетирање на тие односи, од кое ќе имаат корист и ЕУ и Велика Британија“, рече дипломатот.