Лидерите на ЕУ и Канада усвоија заедничка изјава и потпишаа договор за партнерство за безбедност и одбрана на самитот во Брисел во понеделник.
Во заедничката изјава по 20-тиот самит, двете страни ја нагласија својата заедничка посветеност на мултилатерализмот, меѓународниот поредок базиран на правила и соработката за заеднички приоритети како што се поддршката за Украина, деескалацијата на Блискиот Исток, економската безбедност, трговијата, дигиталните иновации и одбраната.
Новото и амбициозно партнерство за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Канада претставува значаен чекор напред во продлабочувањето на соработката во неколку области, вклучувајќи управување со кризи, соработка во индустријата за одбрана, хибридни закани и воена мобилност, соопшти Брисел.
Договорот беше објавен по состанокот меѓу канадскиот премиер Марк Карни, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.
„Додека НАТО останува камен-темелник на нашата колективна одбрана, ова партнерство ќе ни овозможи да ја зајакнеме нашата подготвеност (…) да инвестираме повеќе и попаметно“, изјави Коста на прес-конференција, додавајќи дека договорот отвора нови можности за компаниите од двете страни на Атлантикот.
Канадскиот премиер Марк Карни се среќава со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Европската Унија и Канада се меѓу најблиските сојузници во трансатлантскиот простор. Го гледаме светот од слична перспектива и ги споделуваме истите вредности. Секогаш сме биле еден до друг – и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Коста.
Договорот ѝ овозможува на Канада да се приклучи на заедничката набавка во рамките на неодамна одобрениот финансиски механизам на ЕУ, кој има до 150 милијарди евра кредити достапни за заедничка набавка на воена опрема. Исто така, го отвора патот за канадските одбранбени компании да се приклучат на програмата, иако за тоа е потребно потпишување на посебен договор.
Велика Британија потпиша слично партнерство со ЕУ
Слично партнерство потпиша со ЕУ Велика Британија во мај, а Австралија и ЕУ минатата недела објавија дека започнуваат преговори за такво партнерство, објави француската новинска агенција АФП.
Потпишувањето доаѓа во пресрет на самитот на НАТО, на кој се очекува сојузниците да ја потврдат целта за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП.
Карни рече дека договорот со ЕУ ќе ѝ помогне на Канада побрзо и поефикасно да ги исполни новите барања за капацитети. Тој исто така рече дека Канада се стреми да диверзифицира и зајакне меѓународните партнерства во време на меѓународна нестабилност.
„Прво и најважно, се свртуваме кон нашите најсигурни сојузници кои ги делат нашите вредности за демократија, слобода и суверенитет“, рече тој.
Канада, која сè уште не ја достигнала моменталната цел на НАТО од два проценти и потрошила 1,4 проценти од БДП за одбрана минатата година, купува поголем дел од својата воена опрема во Соединетите Држави. Сепак, односите се влошија под претседателот Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ја преземе земјата и ќе воведе царини.
ЕУ е втор најголем трговски партнер на Канада. Билатералната трговија со стоки вредеше 75,6 милијарди евра во 2024 година, што е зголемување од 64 проценти во однос на 2017 година, кога привремено стапи во сила договорот за слободна трговија.