Претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин телефонски разговараа за конфликтот помеѓу Израел и Иран, за билатералните односи и регионалните прашања, соопшти Кабинетот на Ердоган.
Ердоган го обвини Израел за загрозување на безбедноста на целиот регион.
– Спиралата на насилство што почна со нападите на Израел врз Иран ја става во опасност безбедноста на целиот регион, а незаконскиот однос на Владата на Нетанјаху претставува јасна закана за меѓународниот систем – истакна Ердоган, додавајќи оти „регионот не може да си дозволи уште една војна“.
Според него единствен начин за решавање на проблемите со Иран е преку дипломатија и оти Техеран треба што поскоро да се врати на преговарачка маса.
Ердоган предупреди и дека израелските напади врз Иран „не треба да го одвлечат вниманието од геноцидот во Газа“.
Како што соопшти Кремљ, двајцата лидери во денешниот телефонски разговор повикале на итен прекин на непријателствата помеѓу Иран и Израел и решавање на спорените прашања, вклучително и оние поврзани со иранската нуклеарна програма, исклучиво преку политички и дипломатски средства.
И двете страни изразија најсериозна загриженост за тековната ескалација на конфликтот помеѓу Иран и Израел, што веќе резултираше со голем број жртви и има сериозни долгорочни последици за целиот регион, се наведува во соопштението на Кремљ.