Обожавателите на легендарните KISS беа шокирани од веста дека еден од основачите на бендот, Ејс Фрели, починал. Гитаристот, кој исто така имаше и исклучително успешна соло кариера, почина на 75-годишна возраст во Мористаун, Њу Џерси. Тажната вест ја сподели неговото семејство со People и на неговиот Инстаграм профил.
– Целосно сме скршени и тажни. Во неговите последни моменти, имавме среќа да го опкружуваме со прекрасни, грижливи и утешни зборови, мисли, молитви и намери додека го напушташе овој свет. Ги негуваме сите негови најдобри спомени, неговата смеа и ја славиме неговата сила и љубезност што им ја покажуваше на другите. Големината на неговата смрт е епска и несфатлива – објаснија неговите најблиски и заклучија: „Одразувајќи ги сите негови неверојатни животни достигнувања, сеќавањето на Ејс ќе живее засекогаш!“
Се верува дека Фрејли починал од пад во својот дом пред неколку недели, што предизвикало крварење во мозокот, објави TMZ. Поради несреќата легендарниот гитарист завршил на апарати за одржување во живот.
Веднаш по падот, на 25 септември, на неговиот Инстаграм профил се појави соопштение во кое се наведува дека музичарот бил принуден да го откаже концертот што требало да се одржи следниот ден во Ланкастер, Калифорнија. Исто така, беше забележано дека е во добра состојба и дека станува збор за мала несреќа. Кратко потоа, беа откажани и други концерти.
Како што претходно беше споменато, овој гитарист бил еден од основачите на легендарниот бенд, заедно со Пол Стенли, Џин Симонс и Питер Крис. KISS, кој беше формиран во 1973 година во Њујорк, стекна светска слава и сè уште е познат по екстравагантната облека и необичната шминка на своите членови. Нивните настапи не беа помалку спектакуларни, а тие често користеа и пиротехника.
Фрејли го напушти бендот во 1982 година, но повторно му се придружи во 1996 година. Бендот, кој беше познат по жанрови како рок и метал, конечно беше напуштен од овој музичар во 2002 година, откако ја одржаа својата прва „проштална“ турнеја.