ОБНОВЕНО:На 09.07.2025 во 20.40 часот во СВР Охрид е пријавено дека на магистралниот пат Охрид–Кичево, кај с.Оровник, општина Дебрца, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управувано од В.Б.(83) од Охрид и патничко возило „ауди“ со албански национални ознаки, управувано од А.М.(36) од с.Синичане, општина Боговиње. На местото на настанот починал возачот В.Б, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција. Со телесни повреди се здобиле возачот А.М. и неговиот сопатник Б.Б.(24) од Куманово, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Охрид.
Вчера на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на охридскиот аеродром, се случи тешка сообраќајна несреќа во која едно лице го загуби животот, а има и неколку повредени.
Според првичните информации, до несреќата дошло при директен судир меѓу две патнички возила, кој предизвикал сериозни последици и блокада на сообраќајот на овој дел од патот.
Веднаш по пријавата, на местото на трагедијата интервенирале екипи на Итната медицинска помош, Територијалната противпожарна единица од Охрид и сообраќајната полиција.
„На лице место беа испратени сите надлежни служби, брза помош, пожарна и полиција и веднаш се започна со спасувачка и истражна акција“, информираат од полицијата.
Извршен е увид за да се утврдат причините и околностите под кои дошло до несреќата. Повеќе детали за идентитетот на жртвата и бројот на повредените се очекуваат во текот на денот.