Двајца од безбедносните служби на аеродромот во Хонг Конг загинаа рано утрово кога товарен авион од Дубаи се лизна од пистата при слетувањето, удирајќи го нивното патролно возило и туркајќи го во морето, соопштија аеродромските власти.
Авионот од типот Боинг 747 делумно заврши во водата, но сите четири члена на екипажот успеаја да се спасат кршејќи ја вратата.
– Безбедносните работници беа извлечени од водата без знаци на живот – едниот беше прогласен за мртов на местото на настанот, а другиот почина подоцна во болница – изјави Стивен Џиу, извршен директор за операции во Аеродромската управа на Хонг Конг.
Авионот е во сопственост на турската авиокомпанија ACT Airlines, која го управуваше летот во име на Emirates од Дубаи.
Властите изјавија дека ја истражуваат точната причина за несреќата, вклучувајќи ги временските услови, условите на пистата, авионот и екипажот.
Според снимката од комуникацијата со контролата на летање објавена на веб-страницата LiveATC.net, пилотот на товарниот авион потврдил дека планирал да слета на пистата 07L, каде што се случила несреќата, и не пријавил никакви технички проблеми.
Неколку минути подоцна, контролорот на летање објавил: „Сега има инцидент на аеродромот“.
Ман Ка-чаи, главен истражител на несреќи во Одделот за истрага на воздушни несреќи во Хонг Конг, потврдил дека контролата на летање го насочила авионот да слета на северната писта, но додаде: „Не сме добиле никаков повик за помош од пилотот“.
Џиу рече дека безбедносното возило се движело во својата вообичаена патролна зона, надвор од оградата на пистата, и никогаш не преминало на пистата.
Според него, авионот одеднаш се свртел налево по слетувањето и удрил во возило, што „не било нормален тек на движење“.
Фотографиите по несреќата го покажуваат товарниот авион со ознака AirACT делумно потопен во вода покрај морскиот ѕид на аеродромот, со отворена цевка за евакуација и одвоени делови од носот и опашката.
Несреќата ја потврди и компанијата од Абу Даби која соопшти дека летот EK9788 претрпел штета при слетувањето, е товарен авион Боинг 747 изнајмен од ACT Airlines и дека екипажот е безбеден.