Внимавајте утре и задутре, Управата за хидрометеоролошки работи издаде жолто предупредување за невреме со пороен дожд и со грмотевици.
„Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, утре попладне, во текот на ноќта и во четврток времето ќе биде променливо облачно и нестабилно. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни, во форма на невреме, со пообилен дожд, над 20 литри на квадратен метар, што ќе наврне за кратко време. Во Скопје утре попладне, во текот на ноќта и во четврток ќе биде нестабилно, со повремен дожд, грмежи и со засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме“, соопшти УХМР.
Се очекува да дува засилен ветер, со брзина од над 60 километри на час. Ќе има услови за изолирана појава на град.

Најстудено ќе биде во Берово, со утринска темература до 8 степени. Најтопло ќе биде во Скопје, гевгелија и во Велес, со максимална температура до 35 степени Целзиусови.
И во четврток времето ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со пообилен пороен дожд за кратко време, над 20 литри на квадрат и со засилен ветер, над 60 километри на час. И во четврок ќе има услови за изолирана појава на град.
Потоа следува период на претежно стабилно време со слаб до умерен северен ветер.

Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и во црвена боја и се дел од системот за метеопредупредувања во Европа. Жолт аларм значи умерена опасност од временските прилики, со можност за умерени последици по околината, портокалов значи дека опасноста е голема, а црвениот аларм предупредува за екстремна опасност, со можност за катастрофални последици по луѓето, нивните имоти и по околината.
Алармите се издаваат за различни временски прилики и појави: за ветер, дожд, горештина, студ, снег, мраз, грмотевици, крајбрежни настани, шумски пожари, лавини, поплави, порои, опасности на море и за суша.