Почна изградбата на ограда на скопската депонија „Дрисла“, најави денеска министерот за животна средина и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој ја посети депонијата заедно со кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Поради лошо и хаотично упавување депонијата со години е извор на здравствени и еколошки проблеми. Таа остана неорганизирана, неоградена, со над 700 кучиња кои ги растураат отпадоците во најблиските села, особено во Батинци. Затоа, на барање на жителите, од денеска почнавме реконструкција на оградата и на темелот околу депонијата. Со 9 милиони денари, кои ги обезбеди Министерството за животна средина, ќе се гради ограда во должина од 4.800 метри, висина 1,5 метар и со 1.500 столбови на кои ќе се монтира бодликава жица. Со зголемена физичка заштита ќе се спречи неовластено влегување – рече Меџити.
Ѓоржиевски ја поздрави активноста на Министерството, земајќи ја предвид, како што рече, голготата во изминативе месеци кога „Дрисла“ беше мета на напад со постојани пожари кои влијаеа на животната средина и здравјето на жителите на Батинци, Студеничани, Драчево и на цело Скопје.
– „Дрисла” ќе прерасне во современ центар за рециклажа, по примерот на Љубљана. Ова е нешто што се ветува 30 години, но нема реалиација. Нема да се дозволува она од минатото, загадување и небезбеден третман на отпадот, туку ние ќе заработуваме од тој отпад, со преработка. Веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначалник на Скопје, „Дрисла“ ќе стане приоритет. Нашата визија е таа да прерасне во современ центар за рециклажа на отпад, по моделот на Љубљана, Словенија, со селекција, рециклирање и енергетско искористување, во согласност со највисоките еколошки стандарди. Сето тоа, во соработка со Владата на Република Македонија и нашите партнери од ЕУ – рече Ѓорѓиевски.
После три децении празни ветувања, конечно ќе обезбедиме трајно и современо решение за „Дрисла“, со кое ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и иднината на нашиот град, додаде тој.