Дербито меѓу Еспањол и Барселона, кое се играше во рамките на 36 коло од Ла Лига, започна со трагична и тажна вест. Непосредно пред натпреварот, се случи масовна сообраќајна несреќа во близина на стадионот „RCDE“. Тринаесет лица беа повредени, но никој не е со сериозни повреди.
Каталонската полиција моментално претпоставува дека возачот ја изгубил контролата врз возилото и дека станува збор за несреќа. Можноста за напад не се разгледува, но истрагата е во тек.
Жената која го возела автомобилот била уапсена, а според достапните информации, таа ја изгубила свеста. Од полицијата додаваат дека жената нема претходно криминално досие.
Несреќата се случила веднаш пред стадионот „RCDE“, кратко пред почетокот на натпреварот помеѓу тимот на Маноло Гонзалез и оној на Ханс Флик. Бел автомобил се заби во група луѓе.
За среќа, како што беше објавено подоцна за време на натпреварот преку звучниците на стадионот, ситуацијата е под контрола и нема сериозни повреди. Сите повредени 13 лица се здобиле со само полесни повреди.