Сириец вчера избоде со нож пет минувачи по случаен избор во градот Филах на југот од Австрија при што загина 14-годишно момче. Извршителот е осомничен исламист кој се радикализирал на интернет, изјави денеска австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер, јави Би-Би-Си.
Полицијата го идентификуваше сторителот како 23-годишен Сириец кој поднел барање за азил. На прес-конференција Карнер објави дека нападот, во кој беа повредени и пет лица, е поврзан со групата Исламска држава (ИД).
Медиумите денес се осврнаа и на приказната на уште еден Сириец кој го спречи неговиот сограѓанин да избоде уште повеќе луѓе, совладувајќи го на начин што со возилото се упатил кон него и го турнал на земја.
Четириесет и двегодишниот Алаедин Алхалаби од Сирија со години работел како доставувач на храна во Австрија. Тој бил сведок на нападот, а од полицијата истакнаа дека без размислување се упатил со своето возило кон напаѓачот.
– Прво се расправаше со луѓе на споредна улица, а потоа наеднаш почна да ги напаѓа. Првин се обидовме да го задржиме, но кога го видовме ножот веднаш се оддалечивме – раскажува за „Кроне“ еден од сведоците на нападот, 29-годишниот Махир.
Тој и неговиот пријател Мартин (36) работат и живеат во непосредна близина на местото на злосторството и добро го познаваат доставувачот на храна кој спречил натамошна трагедија.
– Видов лице како лежи на земја, а маж со нож ги напаѓа минувачите. Ниту еден момент не размислував, само возев со мојот автомобил кон него. Тој се движеше кон центарот на градот, а имаше деца на улица – не можев да го дозволам тоа. И јас сум татко, имам и деца – опишал Сириецот Алхалаби кој го запрел напаѓачот.