Застапничката на обвинението во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска Јакимовска очекува Кривичниот суд да ги отфрли наводите на одбраната на двајца од обвинетите, дека вештачењето од Словенија треба да се отфрли како доказ прибавен на незаконит начин затоа што потпишаната лекарка не е регистрирана во регистарот на вештаци во Словенија.
– За приговорите за вештачењето Јавното обвинителство денеска се произнесе денес и очекуваме Судот да донесе одлука. Ние оценуавме дека приговорите се апсолутно беспредметни и очекуваме таква да биде и одлуката на Судот – рече Гоговска Јакомовска во изјава после рочиштето.
Во врска со тоа дека потпишаната лекарка не е лиценциран вештак, таа рече дека се работи за процедури на државите до кои е доставена замолницата.
– Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доверба во државите до кои сме ја доставиле таа замолница, дека доказите се прибавени на законит начин. Наводите на одбраната се беспредметни – рече обвинителката.