Денеска не сме тука само за да зборуваме. Денеска сме тука да кажеме – доста е, порача министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани на настанот кој е дел од комуникациската стратегија и кампањата „Има живот без насилство“, чија цел е да се подигне јавната свест за родово базирано насилство врз жените.
– Доста е молкот да биде одговор. Доста е насилството да биде „приватна работа“. Доста е секоја петта жена да живее во страв – дома, на работа, на улица. Насилството врз жените не е нешто непознато. Не е статистика. Тоа е секојдневна реалност која разорува животи – во тишина, зад затворени врати, во домовите каде љубовта треба да биде заштита, а не закана – посочи министерот Лимани.
Во првото тримесечје од 2025 година, од јануари до март, бројот на новоевидентирани жртви на семејсно насилство е 391, од кои 284 се женски лица, 53 се машки, а 54 се деца – секундарни жртви. Од вкупно 286 сторители, машки биле 266, а женски – 20. Евидентирани се 221 случај на физичко насилство, 345 случаи на психолошко насилство, 2 случаја на сексуално, а 9 на економско насилство.
– Ако направиме споредба на податоците на годишно ниво за 2023 и 2024 година, состојбата е дека за 14,7 проценти е зголемен бројот на жени жртви на семејно насилство во 2024 година, споредбено со 2023 година. Причини за зголемувањето е зголемената јавната свест за пријавување на насилството во самите институции и преземање на конкретни мерки и активности за спречување и заштита на самите жртви преку мулстисекторска соработка на централно и локално ниво меѓу иснтитуциите и граѓанските организации – беше истакнато на настанот.
Тој во своето обраќање се осврна на многуте лица на насилството – емоционално, економско, психолошко, сексуално, како и на последиците што насилството ги остава зад себе.
Министерот Лимани упати силни пораки до жените жртви на насилство, до мажите вршители на насилство, но и до институциите кои треба да превенираат, заштитат и да одговорат на насилството.
– Не сте сами. Има помош. Има излез. Има живот без насилство. Имате право на достоинство, на љубов без страв, на дом без болка. Машкоста не е во удирање, во викање, во понижување. Вистинската сила е во почитта, во разбирањето, во поддршката. Затоа, ако сте сведоци, не молчете. Ако сте татковци, научете ги синовите на љубов, не на страв. Или сте дел од решението, или сте дел од проблемот. Средина нема – порача Лимани.
Министерот го заврши своето обраќање со апел до пошироката јавност.
– Да не молчиме! Да пријавуваме! Да им веруваме на жртвите! Да реагираме како општество што штити, не што осудува! Ако и еден живот спасиме, вреди. Ако и една жена добие втора шанса, сме успеале. Но, мора да работиме не за еден, туку за сите. Да изградиме општество во кое жените ќе бидат безбедни – во својот дом, на улица, на работното место, на интернет, секаде. Да ги учиме нашите деца дека љубов не значи контрола. Дека насилството никогаш не е оправдано. Дека тишината не е заштита, туку е дозвола за насилникот. Почнуваме денес. Почнуваме тука. Со глас што нема да замолчи, со храброст што нема да отстапи. За секоја жена. За секое девојче. За секое утре без страв. Не молчи, не толерирај! Дејствувај! Има помош, има надеж, има живот без насилство – нагласи Лимани.
Министерот Лимани додаде дека ова не е само прашање на жените, туку е предизвик на целото наше општество.
– Кога една жена се плаши да се врати дома, кога едно девојче молчи затоа што мисли дека нема да му поверуваат, кога една мајка се крие зад насмевка, за да не ја покаже болката – ние како општество сме потфрлиле. Но, можеме да ја промениме оваа реалност – заедно.
Тој апелираше и до институциите, да не гледаат на жената – жртва како „предмет“ во папка.
– Таа не бара само хартија, таа бара надеж. Таа доаѓа кај нас затоа што верува дека ќе ѝ помогнеме да избега од пеколот во кој живее. Законот е темел, но, човечката чувствителност спасува животи – додаде Лимани.
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер истакна дека секој има одговорност да пријави насилство.
– Тука сме за да ја подигнеме јавната свест дека не смееме и не треба да толерираме насилство. Никој не смее да страда. Секое лице има одговорност да пријави насилство и да ги поддржи преживеаните. Во Обединетото Кралство одамна имаме признато дека насилството врз жените и девојките, девојчињата, не е само лична трагедија, туку е општествен неуспех. Влијае врз секоја заедница, врз секој сектор и врз секоја генерација – рече Филер.