Претседателот на Чешка, Петр Павел, во четвртокот потпиша измена на Кривичниот законик со која се криминализира промовирањето на комунистичката идеологија, ставајќи ја на исто ниво со нацистичката пропаганда, објави Јурактив.
Според новиот закон, се воведуваат затворски казни до 5 години за секој што „оснoва, поддржува или промовира нацистички, комунистички или други движења кои очигледно имаат за цел да потиснуваат човекови права и слободи или да поттикнуваат расна, етничка, национална, верска или класна омраза“.
Измената доаѓа по повици од чешки историски институции, вклучително и од Институтот за проучување тоталитарни режими, кои сметаа дека постои правна нерамнотежа што треба да се исправи.
Комунистичката партија на Бохемија и Моравска (КСЧМ), предводена од европратеничката Катаржина Конечна, која сега е дел од нова изборна коалиција наречена „Доста е“, го осуди потегот како политички мотивиран.
„Ова е уште еден неуспешен обид да се турне КСЧМ надвор од закон и да се заплашат критичарите на актуелниот режим“, соопшти партијата.
Останува нејасно како новиот закон ќе се применува врз партии како КСЧМ. Партијата моментално нема претставници во парламентот, но последните анкети покажуваат дека коалицијата има поддршка од 5% – доволно за да се врати во долниот дом на изборите во октомври.