Директорите на Дирекцијата за спасување немаат надлежност за тоа што се случувало во дискотеката

Lorita
By Lorita
7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Одбраната на обвинетите поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути и Џеват Селами се спротивстави на обвинителниот акт, во воведните зборови на денешното рочиште во судницата во Идризово.

Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на Максути, истакна дека обвинението против него е неосновано и дека неговиот клиент не може да се доведе во причинско-последична врска со настанот. Адвокатот Јасмин Калач, пак, нагласи дека постапката против Џеват Селами се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти.

Двајцата адвокати пред судот посочија дека нивните клиенти немаат законски надлежности ниту фактичка моќ да влијаат врз пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, за време на концерт на групата ДНК и трагичниот исход со 63 загинати.

Бранителот Миланов истакна дека вистинските виновници за пожарот не се опфатени со обвинението.

– Вистината во ова обвинение е дека за тој што го предизвика пожарот немате обвинение. Според обвинението, причина е непромислено однесување на две лица од изведувачот на таа вечер, но за начинот на изведување и за употребата на пиротехничките средства знаеше целата група – рече тој.

Миланов нагласи дека трагедијата е последица на недозволена употреба на пиротехнички средства во затворен простор.

– Ќе докажеме дека непромисленост, недозволеност на употреба на пиротехнички средства во затворен простор е причина за пожарот… Нивната непромисленост ја платија на најгрубиот можен начин, со губење на своите животи. Но, ќе докажеме дека тие со себе повлекоа и повеќе од 50 недолжни лица, кои исто така ги изгубија животите, како и 200 лица кои се здобија со повреди – рече Миланов.

Од правен аспект, адвокатот потенцираше дека членот 288 (Предизвикување општа опасност) став 2 од Кривичниот законик не може да се примени врз службено лице.

– Нема никакви елементи на дејствија на сторување ниту пак елементи на причинско-последична врска од неговата функција директор на ДЗС – рече Миланов.

- Advertisement -
Ad image

Адвокатот потсети дека од 2009 година во Кочани нема инспектор на ДЗС, но тоа, според него, нема никаква врска со пожарот. Истакна и дека до ДЗС никогаш не била доставена проектна документација за објектот „Кабаре Пулс“.

– Она што е обврска на Дирекцијата за заштита и спасување, а посебно на директорот, е да постои годишен план кој треба да се достави до Инспекцискиот совет. Ќе ви докажеме дека директорот ниту го изготвува, ниту го одобрува. Инспекцискиот совет овие планови ги има прифатено во периодот додека е директор Беким Максути – рече Миланов.

Во врска со тезата на Обвинителството за системски пропусти, Миланов беше дециден дека Максути е само извршител на системот.

- Advertisement -
Ad image

– Теорија на случај која се обидува да ја докаже Обвинителството е системски пропусти на институции и на државни службеници, но кој е системот? Јас, вие, господо судечки совет и овде присутните државни службеници, сме извршители на законите кои ги донесува системот. За Беким Максути не можеме да зборуваме дека тој е извршител на системот – посочи Миланов.

На крај, адвокатот заклучи дека нема ниту еден факт кој го поврзува Максути со трагедијата.

– Каузалитет за ова што се случи како трагедија девет месеци по престанувањето на функцијата на Беким Максути нема. Нема каков било придонес за оваа трагедија за да може да опстојува во ова обвинение – нагласи тој.

Максути не даде дополнителни коментари и се согласи со воведниот збор на својот бранител.

Адвокатот Јасмин Калач, бранител на обвинетиот Џеват Селами, ја критикуваше обвинителната постапка, тврдејќи дека таа се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти.

– Обвинението е со нецелосно и погрешно утврдени факти, суштински повреди на кривичниот закон и не обезбедува доволно докази кои би ја оправдале основаноста на сомневањето дека обвинетиот Селами го сторил кривичното дело што му се става на товар – рече Калач.

Тој нагласи дека обвинителниот акт не содржи конкретни дејствија или умисла.

Според одбраната, Селами воопшто не бил на местото на настанот и немал законски надлежности да постапи.

– Не постои ниту еден релевантен доказ кој го поврзува обвинетиот со кривично-правниот настан бидејќи тој воопшто не бил на местото на настанот ниту пак има законски надлежности врз основа на кои би требало да постапи кобната вечер – рече тој.

Калач истакна дека обвинетиот се товари за последици врз кои немал никаква моќ. И тој ги посочи нелегалната пиротехника и недозволената работа на објектот како вистински причини за трагедијата.

Во врска со кадровските ресурси, Калач нагласи дека ДЗС располагал со премал број инспектори и додаде дека Селами веднаш по стапувањето во функција презел мерки за нови вработувања.

Калач го оспори и квалитетот на доказите.

– Ова е историски процес, не дозволувајте одговорноста за неуспехот на целиот државен апарат да се сведе на овој човек – рече Калач.

Селами се согласи со воведниот збор на неговиот бранител без дополнителни коментари.

Бранителот на генералниот инспектор во ДЗС, Љупчо Грнчиштанов, адвокатот Дончо Наков, во воведниот збор укажа дека во текот на постапката преку законските одредби и прописи ќе докажат дека обвинетиот Грнчиштанов ги презел сите мерки и активности од оперативен, нормативен, организациски, надзорен и технички карактер на кои бил обврзан со закон во рамките на неговото, а не во рамките на туѓото постапување.

– Ќе докажеме дека истиот не сторил дејствија на пропуштање со кои преку теоријата на верижна одговорност би бил наводен сторител како соизвршител на ова дело. Ќе докажеме дека не го сторил делото – изјави Наков.

Љупчо Грнчиштанов се приклучи кон воведниот говор на неговиот бранител. На семејствата на загинатите им изрази сочувство, а на повредените им посака побрзо закрепнување.

Share This Article