Македонската фудбалска репрезентација со триумф ја започна квалификациската кампања за Светското првенство 2026 година. Нашите избраници во првото коло беа подобри од селекцијата на Лихтенштајн, победувајќи убедливо со 0-3 на гостински терен.
Очекуваната победа ја донесоа со сигурна игра и реализација на шансите, а еден од стрелците беше и Бојан Миовски, кој го постигна третиот погодок на натпреварот. Наместо да слави, Миовски со гест на почит и емпатија, голот го посвети на жртвите од трагичниот пожар во Кочани, кој неодамна ја потресе целата држава.
По натпреварот, екипата на Миовски – шпанската Џирона, повторно покажа поддршка на својот фудбалер. Преку објава на социјалните мрежи, клубот сподели емотивна фотографија од Миовски и напиша кратко, но значајно: „Нашиот најдобар стрелец“, на македонски јазик.