Косовското министерство за одбрана ги демантираше информациите дека е планирано повлекување на американската војска од Косово.
„Оваа вест, која ја делат некои веб-страници и телевизиски канали е дезинформација, која ја шират надворешни актери, со цел да се дестабилизира земјата и на Западен Балкан“, се наведува во соопштението од косовското Министерство за одбрана.
Во соопштението се истакнува дека повлекувањето на американските трупи од НАТО силите во Косово (КФОР) „не доаѓа предвид“, бидејќи таквите одлуки за распоредување или за повлекување не се носат случајно.
Косовското Министерство за одбрана наведе дека е во постојана координација со САД за секоја одлука и во редовна неделна комуникација со КФОР.
Во КФОР има над 600 американски војници.
Западните земји стравуваат дека евентуалниот договор помеѓу Вашингтон и Москва за Украина и промената на приоритетите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп може да доведе до повлекување на американските војници од делови од Европа.