Девизните резерви на крајот на октомври 2025 година изнесувале 4,84 милијарди евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 120,5 милиони евра, соопшти Народната банка.
Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (71,1%), по што следуваат монетарното злато (15,9%) и валутите и депозитите (13%).
Ако се анализираат податоците за пласманот на девизните резерви може да се види дека веќе втор месец Народна банка поинтензивно ги зголемува резервите на злато и резервите во валути и девизи, но ги намалува резервите пласирани во хартии од вредност.
Во септември златото во вкупните девизни резерви изнесуваше 15,2%, а во август 13,6%, процент кој е речиси идентичен во последните години.
Девизните резерви пласирани во хартии од вредност во септември изнесуваа 74,7%. во август 74,6%, додека пак резервите пласирани во валути и депозити во септември имале процентуално учество од 10%, а во август 11,7%.

Извор: НБ
Според официјалните податоци, Македонија чува околу 7 тони злато кое се чува во банка во Банката на Англија.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во јули оцени дека и покрај стабилноста на девизните резерви, нивото на монетарното злато не е задоволително. Тој изрази недоумение зошто е прекината праксата на зголемување на златните резерви, особено во услови кога цената на златото на светските берзи континуирано расте.
– Не знам зошто е запрена практиката да се зголемува износот на монетарното злато. Во минатото го откупувавме домашното злато од рудниците и го стававме во резервите. Цената на златото само во последната година се зголеми двојно. Во услови на глобална несигурност, инвеститорите секогаш бараат сигурни средства, а златото е едно од нив – рече Славески.
Девизните резерви се средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели.
Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.




























