Девет пациенти повредени во пожарот во дискотека во Кочани пристигнаа во Ургентниот центар на Србија, додека тројца пациенти се примени на Воено-медицинската академија (ВМА), јави МИА од Белград.
Вкупно дванаесет пациенти повредени во несреќата во дискотеката во Кочани ноќеска со авион CASA C-295 на српската армија се пренесени од Скопје во Белград и ќе бидат згрижени во ВМА и Клиничкиот центар на Србија.
Српски Б92 пишува дека е позната состојбата на повредените.
„Тоа се млади лица на возраст меѓу 18 и 27 години, а изгорениците зафатиле и до 30 отсто од површината на нивната кожа. Девојката која е префрлена на ВМА има 18 години и има изгореници кои покриваат 24 отсто од нејзината кожа“, се вели во написот.
Исто така, планирано е во Северна Македонија да останат двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и медицински техничар за да им се пружи помош на повредените.
Двајца пациенти со воени амбулантни возила биле пренесени од Скопје на лекување во Воената болница Ниш и во Клиничкиот центар Ниш.