Земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтер синоќа го погоди јужниот дел на Тајван, при што беа повредени десетици луѓе. Земјотресот беше најсилен во градот Таинан, каде се урнаа неколку еднокатни куќи и Тајпеј.
Според метеоролошкиот завод на Тајван, земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала се случил нешто по полноќ во јужниот округ Чијаи на длабочина од 9,7 километри. Според шпанската новинска агенција Ефе, по земјотресот имало повеќе од 50 последователни потреси.
Според Министерството за здравство, во земјотресот се повредени 27 лица. Беа предизвикани и неколку одрони. Според американскиот геолошки институт, земјотресот бил со јачина од 6 степени, пренесува француската новинска агенција АФП.
Градот Таинан беше најпогоден. Пожарникарите известија дека се урнати покриви на неколку згради, а патиштата се блокирани од лизгање на земјиштето и паѓање на камења. Од урнатите згради се спасени неколку лица, меѓу кои и едно дете, кои останале затрупани во урнатините.
Компанијата за производство на чипови TSMC ги евакуираше вработените од неколку фабрики во централниот и јужниот дел на Тајван. Компанијата се уште не пријавила штета на објектите.
Жителите на Тајпеј добија и предупредување на своите мобилни телефони да останат смирени и да бараат засолниште.
Тајван на 3 април беше погоден од земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала, најсилниот што го погодил островот во последните 25 години, при што загинаа најмалку 17 луѓе, а повеќе од 1.100 беа повредени.
Тајван лежи на раскрсницата на филипинската и евроазиската плоча, па земјотресите се вообичаени таму.