Пратеничката на Алијансата за Албанците дел од „Европски фронт“, Илире Даути во пишана изјава до медиумите не е најјасна како ќе постапи по изгласаната интерпелација за неа во минатиот петок.
– Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме – вели Даути.
Интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што, како што образложија, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Даути во петокот во своето излагање оцени дека интерпелацијата за неа е неоснована.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, од чија партија доаѓа Даути, вели дека нема да ја прифатат оставката на Илире Даути и дека таа ќе остане претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
– По изгласувањето на интерпелацијата, ако треба повторно да предложиме кандидат за таа комисија, тоа повторно ќе биде Илире Даути. Не се откажуваме од луѓето што ги бираме – изјави Села.