Данскиот министер за надворешни работи во средата ја поздрави одлуката на САД за промена на планот за посета на Гренланд, што предизвика дипломатски спор меѓу Копенхаген и Белата куќа, откако претседателот Доналд Трамп изрази интерес да ја преземе контролата врз островот.
Данската премиерка Мете Фредериксен во вторникот рече дека планираното пристигнување на Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, на популарната трка со санки на Гренланд е дел од „неприфатливиот притисок“ врз делумно автономната данска територија.
Белата куќа во вторникот објави дека делегацијата наместо тоа ќе ја предводи самиот потпретседател Венс, но дека тој ќе ја посети само американската вселенска база во Питуфик на северот на островот и нема да дојде на трката.
„Мислам дека е многу позитивно што Американците ја откажаа својата посета на гренландското општество. Наместо тоа, тие ќе ја посетат сопствената база Питуфик, а ние немаме ништо против тоа“, изјави министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен за телевизијата ДР.