Топ Вести - Слушај сега
Археологот и нумизматичар Даница Размовска Бачевска го збогатува македонското научно наследство со ново капитално дело за монетниот депозит од локалитетот Плаошник
Охрид, март 2025 • Редакција Охридскај
Македонската научна јавност повторно има причина за задоволство и гордост. Од печат излезе новата научна книга на истакнатата археолошки истражувач и нумизматичар Даница Размовска Бачевска со наслов “Плаошник – Охрид: Депо на монети на Иван Асен II Цар на Бугарите и Солунско – Епирските владетели XIII век”. Станува збор за капитално дело кое на светлина ги изнесува тајните на еден исклучително значаен монетен депозит пронајден во срцето на охридскиот археолошки локалитет Плаошник – место познато по своето богато историско, духовно и цивилизациско наследство.
Книгата е посветена на детална обработка на монетниот депозит пронајден на Плаошник во Охрид, локалитет кој со векови пулсира со духот на минатото и чии слоеви крие непроценливи сведоштва за животот на оваа земја во средниот век. Депозитот содржи монети кои датираат од времето на Иван Асен II – еден од најмоќните владетели на средновековниот Балкан и Цар на Бугарите во XIII век – но и монети кои припаѓаат на солунско-епирските владетели од истото столетие. Овие два паралелни нумизматички светови, сочувани заедно под охридска земја, зборуваат за сложената политичка и трговска стварност на тогашниот регион.
Во делото авторката детално ги анализира потеклото, типологијата и историскиот контекст на секоја монета, нудејќи систематски каталошки преглед поткрепен со богата илустративна документација. Преку нумизматичката оптика, читателот се пренесува во времето на Иван Асен II чие владеење (1218–1241) го означило врвот на Второто Бугарско Царство, период во кој Охрид бил значаен стратешки, трговски и духовен центар.
Она што оваа книга ја прави особено вредна е нејзиниот мултидисциплинарен пристап. Даница Размовска Бачевска ги поврзува нумизматичките наоди со поширокиот историски контекст, разгледувајќи ги монетите не само како предмети, туку како сведоштва на политиката, економијата и секојдневниот живот во XIII век. Охрид, кој и денес носи епитет на “Ерусалим на Балканот”, во тоа раздобје бил вкрстосница на цивилизации, а овој депозит сега добива своето заслужено научно место во мозаикот на средновековната историја.
Публикацијата е двојазична – напишана на македонски и англиски јазик – со што стануva достапна и за меѓународната научна јавност. Ова отвора нови можности за афирмација на македонското нумизматичко и историско наследство на европско и светско ниво, придонесувајќи кон признавањето на Охрид и неговото опкружување како незаобиколен центар на средновековната цивилизација на Балканот.
Даница Размовска Бачевска е долгогодишен археолог и нумизматичар чија кариера е неразделно поврзана со охридскиот крај и неговите богати историски наоди. Со децении теренска работа, истражување и научна обработка зад себе, таа е автор на бројни стручни и научни трудови, студии и книги од областа на нумизматиката и средновековната археологија. Секое нејзино дело е сведоштво за длабока посветеност кон откривањето и зачувувањето на заедничкото историско наследство.
Со оваа книга, авторката уште еднаш докажува дека македонската наука живо и активно придонесува кон разоткривањето на средновековното минато на регионот. Нејзиниот пристап е образец за тоа како локалните археолошки наоди можат да се вгнездат во поширока историска слика и да добијат меѓународна научна тежина.
Плаошник, сместен во старото јадро во Охрид, е едно од најзначајните и најбогатите археолошки наоѓалишта во Македонија и пошироко. На ова место биле пронајдени остатоци на цркви, гробишта, мозаици и безброј предмети кои сведочат за континуиран живот уште од праисториско до средновековно и поново доба. Тука Свети Климент Охридски изградил своја базилика и духовен центар уште во IX век. Монетниот депозит кој е предмет на оваа книга само го збогатува портретот на Плаошник како место каде историјата е буквално закопана под нозете.
Секоја монета пронајдена на ова место е малечок прозорец кон светот на средниот век – кон трговијата, кон владетелите, кон народот кој живеел, тргувал и верувал на овие простори. Книгата на Даница Размовска Бачевска тие прозорци ги отвора со научна педантност и јасност, правејќи ги достапни за секого кој сака да ги запознае.
Книгата “Плаошник – Охрид: Депо на монети на Иван Асен II Цар на Бугарите и Солунско – Епирските владетели XIII век” e задолжително четиво за сите кои се занимаваат со средновековна историја, нумизматика и археологија, но и за сите кои сакаат подлабоко да го разберат минатото на Охрид и Македонија. Двојазичното издание ја прави уште попристапна за странски истражувачи, студенти и љубители на историјата ширум светот.
Излегувањето на оваа книга е настан кој ја збогатува македонската научна и културна ризница. Редакцијата Охридскај упатува честитки до авторката Даница Размовска Бачевска за ова капитално дело и и посакуваме уште многу успешни истражувања и публикации во иднина.
Редакција Охридскај -Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
