Бај Тјенхуи, поранешен генерален директор на државната компанија „Хуаронг“ бил погубен во севернокинескиот град Тјенџин. Врховниот народен суд ја потврдил пресудата со која Бај бил осуден за примање мито во вредност од над 156 милиони долари, пренесе државната агенција „Синхуа“.
Според судските документи, Бај меѓу 2014 и 2018 година ја злоупотребувал својата позиција и примал огромни суми пари и подароци за да им овозможи на одредени компании пристап до државни средства и поволни договори.
Во мај 2024 година бил осуден на смрт, со конфискација на имот и трајно одземање на политички права. Жалбата му била одбиена во февруари 2025 година, а потоа одлуката ја потврдил Врховниот суд.
Во последните мигови пред извршувањето на казната, според „Синхуа“, Бај имал право да се сретне со своите најблиски.
Погубувањето е дел од континуираната офанзива на кинеските власти против висока корупција. Веќе во 2021 година беше погубен Лаи Сјаомин, поранешен претседател на истата компанија „Хуаронг“.
Антикорупциската стратегија на Пекинг е симболична порака дека ни еден функционер не е недопирлив, особено во финансискиот сектор кој долги години бил извор на злоупотреби.
Западните медиуми укажуваат дека Кина сè почесто ја користи смртната казна како сигнал за морална дисциплина и за политичка контрола во чувствителни економски сектори. Но, организациите за човекови права остро ја осудуваат практиката, потсетувајќи дека земјата не објавува официјални податоци за бројот на погубувања.



























