Бомбаш самоубиец утрово уби најмалку 12 лица пред судница во пакистанскиот главен град Исламабад, изјави министерот за внатрешни работи Мосин Накви.
Неколку луѓе се ранети, а некои се во критична состојба, изјави болнички извор.
Напаѓачот утрово се обидел да влезе во судската зграда, но ја активирал експлозивната направа пред зградата, во близина на полициското возило, откако чекал таму 10 до 15 минути, изјави министерот Накви на местото на настанот.
– Го истражуваме овој инцидент од повеќе агли. Ова не е само уште еден бомбашки напад. Се случи во центарот на Исламабад – рече министерот.
Експлозијата се случила во близина на влезот на Окружниот суд во Исламабад, кој обично е преполн со луѓе.
Видеата и фотографиите објавени во локалните медиуми покажуваат луѓе облеани во крв како лежат покрај полициско возило.
Експлозијата предизвика паника, а безбедносните сили ја затворија областа, предизвикувајќи застој на сообраќајот на клучните патишта.
– Бевме во судот кога слушнавме оглушувачка експлозија. Сите се исплашија и луѓето почнаа да трчаат во сите правци. Беше застрашувачка сцена, а хаосот избувна веднаш по експлозијата – изјави очевидец.



























