Јавното обвинителство ме товари како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, кој 9 години нема врска со институцијата, рече денеска Шабан Салиу, поранешен директор на ДЗС, кој заедно со останатите тројца што ја вршеа истата функција после него, се дел од обвинетите за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 лица.
Обвинет сум со опис кој се темели на претпоставки, а не на докази, истакна Салиу, со обвинение поднесено поради притисок на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи, а без правна основа.
– Обвинението е неосновано, изградено е на претпоставки, можел да знае, требало да знае, имал обврска и слично, што е правно неиздржано и некоректно. Се заснова на набројување на сите општи правни институти, наводно несторување, непоставување, дека заедно со другите директори на ДЗС сум предизвикал пожар во „Пулс“ на 16 март 2025 година. Имајќи ги предвид законите, во никој случај нема каузална врска со која се товарам – рече Салиу, кој беше директор на ДЗС од 2008 до 2017 година.
Салиу истакна дека републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција направи преседан, рече дека нема одговорност на директорот на Државниот пазарен инспекторат, а одговорност имаат само инспекторите и праша зошто не може овој став по автоматизам да се однесува и на директорите на ДЗС?
– Во обвинението се вели дека директорите на ДЗС иако биле свесни дека со нивното несторување може да има штетна последица, се согласиле со неа, бог да чува! Значи, јас сум обвинет дека сум бил свесен дека ќе се случи трагедијата во 2025 година, а ова не може да го предвиди ни Баба Ванѓа ако стане од гроб. Останува на Судот дали ќе добиеме неселективна правда – рече Салиу.
Во периодот од 2012 до 2017 година во Дирекцијата за заштита и спасување никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислење од страна на кабарето „Пулс“, ниту барање или пријава од правно или физичко лице за објектот, додаде тој.
– Конфузијата на Обвинителството со мешањето на надлежностите и одговорностите прави да докажувам нешто што е очигледно, дека не постои моја вина ниту надлежност – додаде Салиу.
Тој и втор пат го спомна обвинителот Коцевски, односно, во неговата изјава дека ДЗС никогаш не биле известени за постоење и работење на објектот „Пулс“, Салиу гледа правно ослободувачка основа за него како обвинет.
– ДЗС не е детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти. Не знаела за објектот и затоа не може да постои вина од страна на обвинетите директори во ДЗС од 2012 година до 16 март 2025 година, кога се случи пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека вака срочено обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски, само со една цел, да на секој начин бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои. Ова обвинение е политички мотивирано и конструирано и правно неосновано – изјави Салиу.
Тој на почетокот изрази жалење и длабоко сочувство до родителите на загинатите и посака побрзо заздравување на повредените.
– Секој од обвинетите да одговара за своите дејствија. Нивната вина во несреќата не е еднаква, а кај оние обвинети што не сториле никакво кривично дело да бидат ослободени како што доликува на една вистинска правна демократска држава, каде владее правото и правдата – изјави Салиу.
Бранителот на Салиу, Димитар Дангов нагласи дека тој „не бил дел ниту можел да биде дел од инспекциските надзори или од проверките на техничките услови на угостителските објекти“, односно, „таквите постапки не спаѓаат во неговите одговорности“ и затоа „не можел конкретно да делува на пожарот ниту на последиците од истата“.
– Овде сме не само да го решиме овој спор, туку и за да одговориме на повикот на општеството за правда, а правдата, во својата суштина не е ниту утеха, ниту одмазда, туку вечен стремеж кон вистината. Да го докажеме вистинското место и улога на Шабан Салиу, не со проста декларација за негова невиност, туку со аргументирана и систематска анализа. Тој не е виновен затоа што нема пропишана законска надлежност, тој не е дел од лиценцирање, урбанистички одлуки или од проверките на техничките услови, тоа не се неговите овластувања. Тој не можел конкретно да делува на пожарот, во периодот до 2017 година, додека беше директор, ниту во следните 8 години, во правна смисла не може да се поврзе со пожарот – рече Дангов.
Обвинението конструира нов, правно невозможен кривично правен институт, заснован на поимите долготраен каузален тек и долгогодишен каузален процес, истакна Дангов.
– Во однос на мојот клиент се тврди дека каузалитетот до денот на пожарот траел 14 години, со инсинуирање теза дека неговото наводно неделување, како правен претходник, било оставено во наследство и наследено во 3 наврати, на 3 личности, како негови потомци, следбеници, директори на ДЗС. Оваа конструкција, смислена за потребите на обвинението, не е само правно непрецизна, туку суштински ги поткопува основите на кривичното право, кое не се гради врз наследен каузалитет, пренесуван низ генерации на функционери меѓу четворицата директори на Дирекцијата. Ако ја следиме логиката на обвинението, изведено од поимот долготраен каузалитет, неминовно се појавува прашањето, дали, враќајќи се во минатото од денот на пожарот до 2012 година кофата за водата за неговото гасење не била и во рацете на ОЈО Кочани и на претставниците на поширокиот државен систем – рече Дангов.
Обвинението за мојот клиент, додаде адвокатот, се темели на претпоставка за институционален молк и долготрајна пасивност на дирекцијата.
– Внимателното читање на управните прописи покажува дека тоа не е така. Дирекцијата не можела свесно да ги затвори очите за нешто што воопшто не е во нејзините надлежности. Објектот „Пулс“ бил правно и институционално невидлив за неа. Не барајте сенка каде нема светлина – рече Дангов.
Тој додаде дека секој треба да одговара во границите на својата умисла.
– Нели сите учевме како правници дека кривичната одговорност е лична и секој одговара за своите дела, а не за делата на друг. Во обвинението има бркотница од правни поими, а тоа не оди така. Ако по Салиу дошол друг директор, па уште еден до денот на пожарот, тогаш од каде е храброста на ЈО да тврди дека сите тие директори се соизвршители? Нема незаконитост во извршувањето на надлежностите и овластувањата на директорите. Незаконитост постои во тврдењето дека секој директор е кривично одговорен затоа што наследил молк како службен протокол. Тоа се јаки изрази и поими во обвинението, ама тоа не е доволно за осуда. Незаконитост е тврдењето дека секој од нив е виновен затоа што не делувал и го заразил следбеникот да не делува, а овој молчел затоа што и претходниот молчел итн до последниот. Ова е очигледна правна конструкција која не заслужува сериозна анализа. Нашиот кривичен систем не препознава институт за превентивна кривична одговорност и нема одговорнст за туѓа и идна инертност. Затоа тезата за соизвршителство на директорите кои не постапиле оти и претходниот не остапил, е незаконита. Директорите не се виновни за дејствијата кои што го предизвикале пожарот – рече Дангов.
Вториот адвокат на Салиу, Шенај Османов рече дека овој процес мора да одговори кој е виновен за пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе, но вистинскиот одговор мора да е во доказите, индивидуалната вина и во конкретните факти, а не според потребата за брза казна или политичка сатисфакција.
-Дел од присутните обвинети имаат директна врска со „Пулс“, со безбедносните стандарди, а мојот клиент не издавал дозволи, не вршел инспекции, не учествувал во ниедна конкретна одлука за дискотеката. ЈО не нуди никаков доказ дека негов пропуст довел до човечките загуби. Ако секој кој е дел од системот е виновен за неговите постапувања или непостапувања, кој ќе остане невин? Дали бараме праведност или жртвено јагне? Овој предмет нема да стане пофер ако се прошири вината на што поголем број обвинети. Ако под тежината на болката се осуди погрешен човек, ќе создадеме нова трагедија. Обвинението е големо, но очигледна е неговата основна слабост – не е персонализирано, туку е генерализирано обвинение, а системските пропусти не се исти како индивидуална вина. ЈО мора да каже што точно сторил Салиу, кога тоа го сотрил и како тоа конкретно довело до трагедијата – рече Османов.
Тој побара од Судот да не дозволи обвинението да се потпира на системот, наместо на поединецот, а жртвите да станат изговор за погрешна пресуда.
– Правдата нека биде строга, но точна. Ова судење е момент кога државата покажува дали може да е праведна кога е најтешко. Да се најде вистинскиот виновен, а не оној кој е политички подобен – рече Османов.




























