Србија извезе муниција во вредност од околу 55,5 милиони евра во Израел во првата половина од 2025 година, повеќе отколку во целата претходна година, кога извозот достигна рекордни 47,9 милиони евра. Меѓу купувачите на муницијата е моќна израелска компанија која известувачката на ОН, Франческа Албанезе, ја опиша во својот извештај како „профитер од тековниот геноцид“ во Газа, откриваат БИРН и Хаарец.
На 6 јуни, во интервју за „Џерусалем пост“, Александар Вучиќ изненадувачки се пофали дека Србија е единствената земја во Европа што продава муниција на Израел, објавува БИРН.
Сепак, неколку недели подоцна, наутро на 23 јуни, кога новинарите го прашаа дали Србија избрала страна во израелско-иранскиот конфликт со извоз на муниција во Израел, претседателот рече дека земјата го запрела изворот на оружје и муниција.
„Сега не извезуваме ништо. Сега сè запревме и мора да има посебни и вонредни одлуки ако нешто ќе функционира“, рече Вучиќ.
Сепак, истиот ден, само неколку часа откако Вучиќ прогласи мораториум за извоз, познат гостин слета на аеродромот Никола Тесла – израелски товарен авион Боинг 747.
Следниот ден, околу 11:32 часот, авионот полета кон израелската воздухопловна база во Неватим, според податоците од веб-страницата Flightradar24.
Кога подоцна истиот ден беше прашан за авионот, Вучиќ одговори: „Не ми паѓа на памет да кажам што полетало, а што слетало“.
Во последните две години, властите се докажаа како важен воен сојузник на Израел.
Само во првите шест месеци од оваа година, Србија извезе муниција во вредност од околу 55,5 милиони евра во Израел, според царинските податоци до кои пристапи БИРН. Ова е повеќе од вкупната вредност на извозот на муниција/оружје во Израел во текот на целата минатата година, што изнесуваше рекордни 47,9 милиони евра, кога ќе се земат предвид и државните и приватните компании.
Датумите на извоз од првата половина на 2025 година се совпаѓаат со 16 израелски летови од Белград до воздухопловната база Неватим, кои новинарите ги идентификуваа преку неколку веб-страници што ги следат летовите на авиокомпаниите во живо.
Покрај државната компанија Југоимпорт СДПР, уште пет други српски приватни компании извезле муниција/оружје во Израел во текот на изминатите две години, објави претходно неделникот „Радар“.