Во канцеларијата на Народниот правобранител во недела, 19 октомври, на денот на одржувањето на првиот круг од Локалните избори во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира беслатната телефонска линија: 0800-54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право, информира Омбудсманот.
Освен телефонски, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и лично во сите 7 канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и во Штип, за да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
Исто така, за заштита на своите права граѓаните ќе можат да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.
„Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права. И во оваа пригода, Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на ова право. Неслучајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела“, соопшти Народниот правобранител.
Народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.