Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека постои 25 проценти ризик утрешниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, на кој ќе разговараат за војната во Украина, да не биде успешен.
– Тој состанок ќе го отвори патот за друг, но постои 25 проценти веројатност овој во Алјаска да не успее – изјави Трамп во интервју за радио „Фокс њуз“.
Тој изрази уверување дека Путин ќе се согласи на договор и дека заканата од нови санкции кон Русија веројатно ја поттикнала Москва да побара средба.
– Сега верувам дека тој е убеден дека ќе склучи договор. Мислам дека тоа ќе се случи и наскоро ќе дознаеме – додаде Трамп.
Според него, секој договор за прекин на војната во Украина треба да помине преку трилатерален самит со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој би следел по утрешниот состанок.
– Вториот состанок ќе биде многу, многу важен, бидејќи тогаш ќе се постигне договор. Не сакам да го користам терминот „поделете ги работите“, но на некој начин тоа не е лош термин. Ќе има давање и земање кога станува збор за граници и територии – изјави тој.
Трамп повтори дека, доколку утрешниот состанок помине добро, ќе го покани Зеленски на вториот состанок, кој би можел да се одржи на различни локации, вклучително и во Алјаска.
За прес-конференцијата по средбата со Путин, тој рече дека „би било убаво“ двајцата да ѝ се обратат на јавноста заедно, но ако работите не одат според планот, нема да има заедничко обраќање и тој ќе даде изјава сам, пред да се врати во Вашингтон.
Иако Трамп изрази сомнеж, Би-Би-Си потсетува дека и Кремљ и Белата куќа претходно објавија дека лидерите ќе одржат заедничка прес-конференција по разговорите.
Путин, пак, денеска изјави дека САД вложуваат „искрени напори“ за прекин на војната во Украина и наговести дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор и за нуклеарно оружје како дел од пошироките напори за градење мир.