Општината ја замислувам како куќа со отклучена влезна врата – таа е дом на сите нас во Чучер Сандево и затоа ќе имаме редовни јавни средби и ќе користиме дигитални алатки за собирање предлози. Јас сум роден тука, живеам тука и сакам да го направам Чучер Сандево место каде и моите деца и внуци ќе сакаат да живеат тука, дома, изјави кандидатот за градоначалник на Чучер-Сандево, Зоран Бајовски.
Тој вели дека преку директен контакт со сограѓаните открил конкретни потреби и приоритети поврзани со инфраструктурата, социјалната заштита и услугите кои треба да ги нуди Општината. Неговата цел е да го направи Чучер Сандево подобро место за живеење.
– Клучни се водоснабдувањето и канализациските мрежи, прочистителните станици, депониите кои секој ден се сѐ побројни, сите тие предизвици се итни и мора да се решат што е можно побрзо. Но пред сѐ, потребни ни се систематски планови со јасни рокови, а во имплементацијата на тие планови најважна е транспарентноста и вклучувањето на локалната заедница при изведбата на проектите – вели Бајовски.
Тој вели дека ќе посвети големо внимание за решавање на проблемите на најранливите групи граѓани.
– Затоа градиме дневни центри за лица со попреченост, програми за домашна нега на повозрасните лица и поддршка за здруженијата на лицата со посебни потреби. Тука се вклучени и превентивни здравствени активности и услуги за семејствата во ризик. Крајната цел што сакаме да ја постигнеме е пристапност до услуги, достапни сервиси и интеграција во заедницата, во нашето Чучер Сандево – рече Бајовски.
Тој најави поддршка за малите бизниси, програми за вработување, обука и партнерства со приватниот сектор, а посебно во сегментот за руралниот туризам. Има планови за долгорочни инвестициски циклуси и за подобрување на условите за квалитетен живот.
– Подобрувањето на комуналните услуги е првиот чекор. Никој не сака да живее меѓу ѓубре а јас лично избројав барем 32 депонии во Чучер Сандево во изминативе 10 дена, кои за жал, сѐ уште не се исчистени – вели Бајовски.