Пратеникот од лабуристичката партија на Западна Австралија, Кајл Мекгин, го одбележа последниот ден во парламентот пиејќи пиво од својата патика, во чин познат како „шуи“. Ова се смета за типично австралиско збогум.
Пред да го стори тоа, Мекгин им се заблагодари на своите избирачи и нагласи дека е навикнат сите да го критикуваат.
– Долго и напорно размислував како да го завршам овој говор и мислам дека моите избирачи во Голдфилдс ќе бидат особено благодарни. Постои само еден начин да се направи тоа, а јас сум навикнат да ме караат, па затоа можеме да го завршиме ова сега, но би сакал да им кажам на членовите и избирачите низ цела Западна Австралија, ви благодарам за двата фантастични мандати, на здравје – рече Мекгин, непосредно пред да го изврши гестот.
Во интервју за австралиски медиуми, тој додаде:
– Мислам дека парламентот честопати може да изгледа недостапен, знам дека кога првпат влегов во парламентот мислев дека станува збор само за политичари, но таму горе има нормални луѓе.
Мекгин два мандата го претставуваше регионот Голдфилдс, фокусирајќи се на прашања поврзани со рударството и сточарството.
Потегот на Мекгин предизвика поделени реакции: дел од пратениците беа шокирани, додека други реагираа со смеа и аплауз. Овој гест ја отвори и темата за тоа како политичарите можат да изгледаат поблиску до народот.