Североисточниот дел на Австралија е зафатен од силни поплави, во кои едно лице загина. Како што јави денеска француската новинска агенција АФП, властите во Квинсленд наредија евакуација на повеќе од 2.000 домови и ги предупредија жителите на крокодили бидејќи надојдените реки се приближуваат до рекордно ниво на вода.
Во делови од државата Квинсленд паднале повеќе од 600 милиметри дожд за 24 часа. Полицијата соопшти дека чамец се превртел денеска во градот Ингам, при што загинала жена која го возела.
Повеќето луѓе се евакуирани од градот Таунсвил, каде се очекуваат критични услови. Поради зголемената поплава, властите ги затворија локалниот аеродром и универзитетската болница, како и околу 100 училишта, кои ги означија како „небезбедни за посетување на учениците“.
Премиерот на Квинсленд Дејвид Крисафули ги предупреди жителите да очекуваат дополнителни, можеби дури и рекордни врнежи од дожд во наредните денови. Министерството за животна средина предупреди да се внимава на крокодилите кои би можеле да мигрираат „во потрага по помирни води“.
„Очекувајте крокодили во сите северни и крајно северни водни патишта во Квинсленд, дури и ако нема знаци за предупредување“, се вели во соопштението на Министерството.
Обилните врнежи ќе продолжат и во следните 24 часа, а Метеоролошката канцеларија предупреди дека во некои области може да има и до 450 милиметри врнежи.