Четирите астронаути од мисијата „Артемис II“ на НАСА се враќаат кон Земјата, откако во понеделник околу 18:56 часот по наше време го надминаа најдолгото растојание на кое се оддалечило човечко суштество од нашата планета и прелетаа над Месечината од нејзината далечна (темна) страна.
Оваа мисија ќе се памети по неколку рекорди. Пилотот Виктор Гловер стана првиот Афроамериканец, Кристина Кох првата жена, Џереми Хансен првиот неамериканец и Канаѓанец, а Рид Вајсман најстарата личност што патувала надвор од ниската Земјина орбита.
Самата патека на мисијата постави повеќе рекорди: растојанието од Земјата достигна 406.780 километри, оддалеченоста од далечната страна на Месечината изнесуваше околу 7.600 километри, а брзината на повторното влегување во атмосферата на Земјата ќе биде околу 40.000 км/ч.
– Додека го надминуваме најголемото растојание од планетата Земја што некогаш го постигнале луѓето, го правиме тоа во чест на извонредните напори и подвизи на нашите претходници во истражувањето на вселената – рече Хансен, пренесува „BBC“.
За време на мисијата, екипажот изгуби контакт со Земјата 40 минути додека леталото минуваше зад темната страна на Месечината, како што и се очекуваше. Непосредно пред губењето на сигналот, Гловер рече:
„Додека се подготвуваме да ја изгубиме радио-комуникацијата, ќе продолжиме да ја чувствуваме вашата љубов од Земјата. И до сите вас на Земјата и околу Земјата – ве сакаме, од Месечината. Се гледаме на другата страна.“
Откако врската повторно беше воспоставена, Кох додаде:
„Толку е одлично повторно да се слуша од Земјата… Ќе истражуваме. Ќе градиме бродови. Ќе ја посетиме повторно. Ќе градиме научни пунктови. Ќе управуваме со ровери, ќе се занимаваме со радиоастрономија, ќе основаме компании. Ќе ја поддржиме индустријата, ќе инспирираме. Но, на крајот на краиштата, секогаш ќе ја избираме Земјата. Секогаш ќе се избираме еден со друг“.
Клучен тест за издржливост
Екипажот на вселенското летало Орион беше сведок на целосно затемнување на Сонцето од лунарна перспектива. Тие станаа првите луѓе што со свои очи видоа делови од темната страна на Месечината. Астронаутите користеа професионални дигитални фотоапарати со широкоаголни и зум-објективи, како и фиксни камери поставени на соларните панели.
Гловер беше трогнат од глетката за време на затемнувањето.
– Има неверојатна светлина каде што зајдисонцето е сè уште светло и може да се види јасниот одраз на Земјата – рече тој.
За НАСА, прелетувањето беше критичен тест за системите за контрола на енергијата и топлината на леталото „Орион“ при брзи температурни промени во сенката на Месечината.
Мисијата „Артемис II“ служи како подготовка за идното слетување на луѓе на Месечината – прво од 1972 година – и како чекор кон крајната цел: испраќање луѓе на Марс. Екипажот сега го очекува неколкудневно патување назад кон Земјата и, на крајот, слетување со падобран во Тихиот Океан.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
