Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека Турција внимателно ги следи мировните напори за запирање на војната меѓу Русија и Украина и повторно понуди Анкара да биде домаќин на нова рунда разговори. Изјавата ја даде на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Ашхабат, на Меѓународниот форум за мир и доверба.
Ердоган и Путин разговарале за билатералните односи и за можностите за обновување на политичкиот дијалог меѓу Москва и Киев. Турскиот претседател нагласил дека секој чекор што води кон „праведен и траен мир“ е од огромна важност.
– Подготвени сме да бидеме домаќини на разговори во кој било формат, доколку тоа може да придонесе за прекин на огнот и за напредок што ќе биде корисен за двете страни – изјавил Ердоган.
Тој предложил воведување ограничен прекин на огнот, насочен кон заштита на енергетските капацитети и пристаништата, со цел да се намали ризикот од дополнителна ескалација.
На средбата станало збор и за ситуацијата на палестинските територии, конфликтот во Сирија и мировниот процес во Јужен Кавказ.



























