Во чест на првата годишнина од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, Мето Ди Флеш и Ана Петановска ја објавија песната и видеоспотот со наслов „Ангелски здив“, посветена на прерано згаснатите животи во оваа голема трагедија што ја потресе Македонија.
Музиката, текстот и аранжманот за оваа песна посветена на младите животи кои трагично згаснаа во Кочани пред една година – спомен кој и денес силно одекнува во срцата на нивните најблиски, но и на целата македонска јавност, ги потпишува Методи Поповски, кој ја создал, како што вели, „во еден здив, воден од искрени чувства и длабока почит кон младите ангели кои прерано го напуштија овој свет“.
Песната е снимена во „Студио Флеш“, а во нејзината реализација учествува и Стефан Петановски, во чие студио ги снимала вокалите Ана Петановска. Зад видеото, кое визуелно ја пренесува силната порака на песната, стои Раде Гогоски, кој е комплетен автор – од идеја до финална реализација. Сцените се снимени на локации во Струга и Скопје, а во видеото се појавува и Анастасија Поповска, чија појава симболично ја претставува невината младост и сеќавањето на изгубените животи.
Особено значајно е што иницијативата за овој проект доаѓа од сопственикот на познатиот локал „Angels Cafe“ од Штип. Неговата идеја ги обединила уметниците и соработниците во заедничка мисија – преку музика да се испрати порака на љубов, сочувство и вечен спомен.
Пејачката Ана Петановска вели дека ова е една од најтешките, но и најискрените песни што ги испеала, но се надева дека барем малку ќе им донесе утеха на семејствата.
Според Мето Ди Флеш, ова не е само песна, туку е порака, спомен и почит.
– Секој од нас даде дел од своето срце во ова дело. Нека „Ангелски здив“ биде потсетник дека тие млади животи никогаш нема да бидат заборавени – вели тој.