Владината суперапликација е нашиот клучен проект кој ќе ги донесе услугите до секој граѓанин, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и да ја лансираме до крајот на оваа година – изјави министерот, кој учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Тој објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
– Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму – рече Андоновски.
Тој додаде дека не брзаат со апликацијата.
– Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи, ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука во Македонија – порача министерот Андоновски.