Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во денешното интервју за весникот „Марка“ изјави дека го напуштил клубот поради резултатите кои биле под очекувањата, а потоа го презел Бразил бидејќи станува збор за „најдобрата репрезентација на светот“.
– Резултатите не беа онакви какви што очекувавме. Ниту перформансите на тимот не беа добри. Време беше да се направи нешто. По натпреварот против Арсенал, разговаравме за тоа и одлучивме. Тоа беше нешто што можевме да го предвидиме. Тимот не играше добро и тогаш сите сфативме дека е најдобро Реал Мадрид да бара нов тренер, а јас да се осврнам на Бразил – рече 65-годишниот Анчелоти во петокот во Бразил.
Реал Мадрид загуби во четвртфиналето на Лигата на шампионите од Арсенал со вкупен резултат од 1-5, не успевајќи да ја одбрани титулата, а тоа не им успеа ниту во шпанското првенство и Купот на кралот.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто се одлучил за селекторската улога во Бразил, италијанскиот стратег рече дека одлуката била лесно да се донесе.
– Лесно е. Ова е најдобрата репрезентација во светот. Не го велам јас тоа, туку петте ѕвездички на дресот. Ниту една друга репрезентација не може да се спореди со нејзиниот статус. Сега предизвикот е јас да ја освојам шестата титула светски шампион – наведе Анчелоти.